Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ денеска ставија во употреба 10 нови машини за метење на јавните и на сообраќајните површини. Новите машини кои ги набави ЈП „Комунална хигиена“ ќе бидат распоредени во сите скопски општини.

„Денеска ги промовираме првите 10 од вкупно 47 комунални возила што ќе бидат набавени оваа година. Станува збор за 10 метлачки за одржување на хигиената на јавните површини – сообраќајници, велосипедски патеки и тротоари. Вистински ги трошиме градските пари, за потребите на градот и за потребите на граѓаните. Знаете дека во 2019 година почнавме со нов концепт за третман на комуналниот отпад, тогаш беше набавена сериозна механизација, ова денеска е втора фаза, а во третата фаза пролетва ќе пристигнат преостанатите 37 возила. Со тоа, ги подобруваме перформансите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и го намалуваме материјалниот трошок за неговото работење. Покрај контејнерите и кантите за џебен отпад што ги поставивме во изминативе две години ова ќе помогне да имаме целосно поинаков концепт на третман на јавните површини“, рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната промоција на новите машини за чистење.

Тој ги повика граѓаните да бидат дел од овој процес со тоа што комуналниот и џебниот отпад ќе ги третираат како лична одговорност, зашто Скопје е нашиот дом.

„Ги подобривме капацитетите и на инспекциските служби на Град Скопје. Мислам дека со таква координирана активност меѓу Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, инспекциските служби и совесните граѓани ќе успееме Скопје да стане какво што го сакаме, го замислуваме и гледаме дека од ден на ден јавните површини стануваат се почисти“, нагласи Шилегов.

На денешната промоција на новите метлачки присуствуваше и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани кој рече дека врвен приоритет на јавното претпријатие е да се заштити јавното здравје преку одржување на јавната хигиена во градот, на највиското можно ниво.

„Овие 10 машини се дел од планираното големо обновување на возниот парк на нашето претпријатие. Ни претстои набавка на уште 37 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, кипери и возила за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што очекуваме во голема мера да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на јавното претпријатие „Комунална хигиена““, најави Шабани.


Станува збор за машини со вшмукувачки систем составен од вакуумски вентилатор со контрола на бројот на вртежи од кабината и можност за хидраулично активирано истурање на отпадот, опремени со резервоар за вода со волумен од 200 литри, со хидраулична подготовка за приклучување на зимска опрема и камера со монитор во кабината за подобра прегледност на задната страна од машината. Овие специјални машини постигнуваат максимална работна брзина на метење од 12 км. на час и се дизајнирани, конструирани и произведени во согласност со светските стандарди за безбедност и заштита на здравјето.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје ја одржува хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје, преку нивно секојдневно машинско и рачно миење и метење.

Наш врвен приоритет за 2021 година претставува заштитата на јавното здравје, а своето дејствување го насочивме кон намалување на ризикот од проширување на вирусот Ковид-19, преку одржувањето на јавната хигиена во градот Скопје на највисокото можно ниво.

Во таа насока денеска ги презентираме новонабавените десет специјални машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини во градот Скопје. Овие машини се дел од планираното големо обновување на возниот парк и механоопременоста на нашето Претпријатие.