Општина Карбинци беше меѓу општините кои побараа наставата во училиштата да се одвива со физичко присуство на учениците, по одлуката што ја донесе советот на барање на родителите.
Од 10-те училишта во општината од кои едно е централно а останатите се подрачни, само едно од училиштата во кое се одвива настава од прво до 9 одделение, доби дозвола за овој вид на настава.
Тоа е подрачното училиште во селото Крупиште. Во останатите училишта меѓу кое и Централното ООУ „Страшо Пинџур“, и подрачните во селата Таринци, Калаузлија, Радање, Прналија и Кучица и Оџалија, настава со физичко присуство освен задолжителното од прво до трето ќе се одвива и во четврто и пето одделение.
Според градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев, сите училишта се подготвени за почеток на учебната година, а подготвени се и учениците кои што ќе мора да ја следат наставата онлај.
„Сите тие, ги има околу 57 ученици, ќе добијат таблети кои што се обезбедени со донација.Наставата ќе биде организирана во една смена, исклучок ќе бидат училиштата во селата Радање, Таринци и Караорман, каде што наставата со физичко присуство ќе се реализира во две смени“, информира Насев.