Уред за дезинфекција на воздухот, кој работи на принципот на УВЦ зраци во елиминација на вирусите и бактериите иновација на двајца млади светиниколчани, денеска беше презентиран во Општината Свети Николе. Овие двајца иноватори велат дека доволно е овој уред да биде вклучен 20-30 минути во просторијата и за тоа време ги уништува сите микроорганизми.
Апаратот е мобилен, што значи дека во еден ден може да биде употребен во повеќе простории во функција на нивна дезинфекција. За изумот велат дека е прв на Балканот. Слични апарати, кои работат на дезинфекција на воздухот има во посовремените болници во развиените земји, како Германија, САД и други.
-Станува збор за уред, кој со силни УВЦ зраци за кратко време ја дезинфицира просторијата и ги елиминира вирусите и бактериите. Конструиран е да биде мобилен, лесно се движи низ просторијата, има сопствено напојување и Ви Фи контрола со далечински управувач или мобилна апликација, кажа Ивица Поцков, иноватор и еко активист.
Времето од корна карантинот, овие двајца млади луѓе го искористија за изработката на овој уред, што чини помалку од 1000 евра. Добро е што речиси сите репроматеријали ги има во Македонија.
-Уредот во неколку земји го има во фиксна форма, додека нашиот е мобилен. 99% е ефикасен, ги убива гермицидите и микроорганизмите. Со ресурсите што ги имавме, за релативно кратко време направивме нешто што е за општо добро на сите. Првиот уред останува тука, во Општина Свети Николе, рече Никола Глигоров.
Се’ што ќе изработат од уредите за зрачна дезинфекција, ќе донираат пред се’ на здравствените институции, како придонес во борбата со Ковид – 19. Работат волонтерски и со свои средства. За уредот е информирано Министерството за здравство, како и со идејата да ги донираат апаратите. Исто така, запознаен и Фондот за иновации. Поддршка имаат и од Општина Свети Николе.
-Општина Свети Николе комплетно стои зад нивниот ангажман. Средствата што ги имаме на располагање ќе ги употребиме за производство на ваков уред што ќе може да најде примена во секој здравствен дом, во секоја институција, што е вклучена во борбата со корона вирусот, изјави градоначалникот Сашо Велковски.
Овие двајца иноватори се подготвени и пред новите предизвици. Работат на огромен филтер за прочисутвање на воздух, што може да се постави на отворено, во градовите со големо загадување. Но, засега, најважна е битката со Ковид 19, што овие двајца иноватори ја водат со уредот за зрачна дезинфекција.