Спортската сала „25 Мај“ и дефинитивно е предадена во општинско владение, а решението за тоа во вторникот го потпишаа градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, и директорот на ЈП за стопанисување со спортки објекти, Шпенди Хајредин. Објектот, кој има голема сала со 1.200 седишта за публика и помала сала за тренинзи, како и други придружни содржини, се’ уште е еден од најубавите спортски храмови во источна Македонија, изграден е со средства од самопридонес на радовишани во висина од 80 отсто, а остатокот од средствата биле државни пари. Отворањето беше во 1987 година.
– Конечно, добивме решение и Владата ја преотстапи салата на Општина Радовиш и на граѓаните. Јас се надевам дека сите спортисти и спортски работници ќе се организираат и ќе дадат придонес за користењето на спортската сала во иднина Повеќе од една и пол деценија спортската сала немаше никаков статус. Едноставно, ја користеше кој како ќе стигне, а единствено Општината ги плаќаше сите сметки – рече градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
Претседателот на општинскиот Совет, Коле Чаракчиев, упати благодарност до Владата и рече дека се надева оди Општината ќе биде добар домаќин и стопанственик со салата, а в.д. директорката на СРЦ „25 Мај“, Марија Станковиќ, изрази надеж дека во овој објект во иднина ќе никнуваат уште повеќе квалитени спортисти.
– Владата го исполни своето ветување и ја врати салата на Општината и на граѓаните на Радовиш. Сите треба да бидеме во служба на спортот и сите вакви храмови ќе ги дадеме на тие што им припаѓаат – на граѓаните и на спортистите. Радовиш е град на спортисти – борачи, ракометари, фудбалери. Владата ќе помогне и за овој и за други храмови – нагласи Хајредин.
Спортистите најмногу се радуваат на убавата вест и се надеваат дека наскоро салата ќе го врати стариот сјај.
– Се надевам дека во иднина салата ќе биде расадник на спортисти и репрезентативци. Колку што можеа, клубовите и најмногу Општината, во изминатите години се трудеа да ја санираат и одржуваат салата. Сепак, за да се врати стариот сјај и ова да биде модерен храм, ќе треба да се инвестира во објектот – вели Игор Конзулов, претседател на ракометниот клуб „Радовиш“, кој е дел од Супер лигата на Македонија и има забележителни резултати.
Додека траеше потпишувањето, во објектот тренираа младите категории на борачкиот клуб „Бучим“.
– Се надевам дека сега клубовите ќе може да функционираат беспрекорно. И тоа не само борењето и ракометот, туку и другите спортови. Од масовност ќе произлезе квалитет – истакна Горан Атанасов, познат борач и тренер на „Бучим“.
Борачкиот клуб „Бучим“ беше европски шампион во 1995 година, а следната година во оваа сала стана и неофицијален светски првак.