Од 6 до 8 септември, делегација од Општина Радовиш, предводена од градоначалникот Герасим Конзулов, беше во официјална посета на збратимената општина Селчук во Република Турција.
Повод за посетата беше упатената покана по повод одржувањето на јубилејниот 50. по ред ЕФЕСТ фестивал на културата и уметноста.
Во рамките на посетата, делегацијата имаше официјален прием кај градоначалничката на Селчук, Филиз Черитоглу Шенгел, каде што беше обострано изразено задоволството од обновената соработка помеѓу двете општини, со надеж дека во иднина таа ќе продолжи на повеќе полиња од општественото живеење.
Исто така, остварена беше посета и на Здружението на иселеници од Радовиш и од Конче, а градоначалникот Конзулов оствари средба и со наши иселеници кои живеат на улицата „Радовиш“ во општина Селчук.
Градоначалникот оствари посета и на пријателската Општина Алиага, каде беше остварен прием кај градоначалникот Серкан Ачар.