Како да се подобри бизнис климата во една рурална општина како што е општина Карбинци. На оваа тема разговараа членовите на Локалниот –економски совет кој е формиран одамна а градоначалникот на општината, Јордан Насев повторно го активира.
Бизнисмените сакаат подобри услови за бизнис секторот, изработка на нови ДУП, подобра инфраструктура, поголеми инвестиции во водоводната и канализационата мрежа, подобри услови да се задржат младите.
Сопственикот на фирмата „Фруктана“, Младен Митев смета дека општината треба да придонесе во подобрување на економските услови, дека стопанствениците секогаш се отворени за идеи и предлози, но се надева дека сето тоа нема да остане на хартија.
„Не радува фактот што општината почна да се занимава со суштински работи за подобрување на условите на бизнис секторот. Пред се’ мислам на основните услови, изработка на ДУП кои што во моментов во општината се невалидни, не постојат, всушност се со минат рок. Тие се основа за било какво инвестирање и за било каков економски развој. Се решаваат и некои други капитални проблеми, како што е водоснабдувањето, се работи на филтер станицата, решавање на отпадните води. Можам да кажам дека од патната инфраструктура сме задоволни“ вели Митев.
Ние како локална самоуправа се трудиме да создадеме што поповолни услови за бизнис секторот, што секако е многу важно за економскиот развој на општината,смета градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев.
„Во согласност со нашите ингеренции, нашата улога како општина ја гледаме и ја реализираме во делот на изработката на урбанистички планови, планска документација вон населените места. Во делот на комуналната инфраструктура, патишта, улици, давање на комунални услуги-водоснабдување, зафаќање на урбани отпадни води, води од преработки. Исто така се справуваме со сметот преку Комуналното јавно претпријатие. Главно во тој дел се и нашите ингеренции. Изминатиов период во една Индустриска зона од понудените пет парцели, успеавме да продадеме четири. Во фаза на подготовка има уште една Индустриска зона. Таа се наоѓа во село Карбинци со вкупна површина од 28 хектари“ додаде Насев.
Тесната соработка со владините институции, пред се со ресорните министерства, како и реализација на капиталните проекти од витален интерес на граѓаните и бизнисот, дава поле за задоволство кај владиниот сектор од понатамошно продлабочување на сегашната соработка со Карбинци,смета заменикот Министер за локална самоуправа Дејан Павлевски кој на покана на градоначалникот присуствуваше на состанокот на локално-економскиот совет.
„Со гордост можам да кажам дека општина Карбинци е предводник во успешните рурални општини со значителен економски раст. Сето тоа се должи со нашата тесна соработка на секое поле од економијата и останатите витални сфери за животот на граганите“, вели Павлевски.
Главната цел на локалната власт, претставниците на владата и бизнис секторот е нивната досегашна соработка да биде што подлабока и поблиска.
Оваа соработка би требало да резултира и со решавање на еден од главните проблеми и за општините и за економијата и за државата, а тоа е заминувањето на младите и се поголемиот недостаток на работна сила.