Проектот предвидува изградба на секундарна гасоводна мрежа во должина од
3,5 километри, од тениските игралишта на булеварот „Октомврска револуција„ до игралиштето во населбата Доброшане. Проектот ќе чини 12 милиони денари, а се очекува да се приклучат педесетина стопански субјекти.
„Бизнис заедницата во Куманово побара да и овозможиме да го користи наејефтиниот енергенс, а тоа е гасот. Поради тоа нарачавме да се изработи проект кој е во завршна фаза и предвидува ширење на мрежата на еден крак кон населба Доброшане. Општината планира да издвои 12 милиони денари, кои се обезбедени во соработка со ФЗЦ „11 Октомври“, бидејќи имаме побарувања и фабриката ќе ни испорача челични профили, а во договорот е и заварувањето и поставувањето на цевките“, – изјави градоначалникот Максим Димитриевски, на состанокот со бизнисмените од Индустриската зона Доброшане, кој го организираше Локалниот економски-социјален совет во Куманово.
Присутните бизнисмени дадоа поддршка на идејата на градоначалникот и подготвени се да се вклучат во интензивирање на процесот на гасификацијата во тој дел на градот, бидејќи тоа е од нивен интерес.
Сметаат дека само така ќе ги надминат проблемите што ги имаат со напојувањето на електричната енергија и постојаните прекини во процесот на производството, кои им прават големи загуби и проблеми.