Деновиве се одржа првиот работен состанок за проектот со кој Радовиш ќе добие нов цевковод и резервоар за вода со што би требало да се реши проблемот со недостатоците на вода особено во високата зона на левата страна од градот. На состанокот се дефинираа проектните активности и динамиката на реализација на овој капитален проект за општината.
– Целта на проектот е да решиме еден од поголемите проблеми што ги имаме во општината и да обезбедиме питка вода за граѓаните во текот на целата година. Покрај новиот резервоарот, ќе бидат заменети и старите азбестно-цементни цевки со што значително ќе се подобри квалитетот на водата во водоснабнителниот систем – истакна градоначалникот Герасим Конзулов
Проектот е финансиран со кредит од германската KfW Банка. Гарант е Општина Радовиш, а изведувач на градежните работи „Жикол“ од Струмица.
Проектот предвидува нов цевковод од резервоарот во Коџа Баир до нов резервоар во Куклевица; нов цевковод од Раклиш до нов резервоар во Куклевица; нов цевковод од нов резервоар во Куклевица до дистрибутивна мрежа; нов резервоар во Куклевица V = 600 m3; потисен цевковод од пумпна станица „Куклевица“ до спојна шахта Раклиш, како и набавка и транспорт, инасталација и пуштање во употреба на мерно-регулаторна опремa.