Општината Штип преку јавен повик очекува заинтересираните компании да го покажат својот интерес во изградбата на Спортско – рекреативниот центар „Сиутлак“. Во идејното решение се предвидени нови спортски терени и тоа фудбалски и детски игралишта, хотел, спа центар, угостителски објекти. Оваа активност Општината ја објаснува со надлежноста во „спортот и рекреацијата, во смисла на развојот на масовниот спорт и рекреативните активности со организирање на спортски приредби и манифестации, одржување и изградба на објекти за спорт и поддршка на спортските сојузи“.Во исто време, со изградба на спортски објекти се поттикнува и локалниот економски развој во смисла на давањето поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекс промовирањето на партнерството со локалните фирми.
Во идејното решение подетално е претставен проектот, кој го опфаќа постоечкото игралиште на Суитлакот од 8969м2, новопредвидено игралиште од 7848м2 и новопредвидено игралиште за тренинг со површина од 2623м2. Вкупна површина на игралишта е 19440м2. Дополнително се предвидуваат и соблекувални за игралиштата со површина од 161,700м2.Во рамките на спортско – рекреативниот центар се планира изградба на спа центарсо соблекувални за спа центарот со површина од 118,00м2. Според определената квадратура спа центарот е предвиден за 75 лица.
Хотелски комплекс со ресторан со приземје од315м2 и 175м2 помошни простории. Хотелскиот комплекс со ресторанот се предвидува во непосредна близина на теретаната и спа центарот. Општината го оценува како дел од компатибилната класа на намена Б5 – Хотелски комплекс , кој има можност за 20% учество во однос на основната класа на намена. Ресторантскиот дел се предвидува на приземјето од хотелот и површината која ја зафаќа и изнесува 315м2 ресторан и 175м2 за помошни простории за истиот. Вкупната квадратура која може да припадне на оваа компатибилна класа според правилникот изнесува 4140м2.Вкупната квадратура која се предвидува со основната класа на намена Д3- Спорт и рекреација изнесува 20700м2 и тоа теретана и игралишта.
Како што стои во повикот, со цел реализација на овој проект, Општината Штип ги повикува сите физички и правни лица од Општината Штип доколку се заинтересирани и подготвени да учествуваат во реализација на овој спортско-рекреативен центар, својот интерес писмено да го пријават во Општината Штип најдоцна до 10.04.2019 година.
На 20-ти март, Општината Штип ќе организира јавна презентација на проектната документација.