Општина Струмица ја одбележа 145-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење. Пригодната свеченост се одржа пред неговиот споменик на истоимениот плоштад. За животот и делото на Делчев зборуваше Костадин Костадинов, заменик градоначалник на општина Струмица, кој меѓу другото рече:
Се собравме во овој студен февруарски ден, уште еднаш да направиме достојно чествување на човекот кој ја задолжи Македонија и нејзините граѓани. Се собравме да ја одбележиме 145- годишнината од раѓањето на големиот македонски син Гоце Делчев, идеологот на револуционерното движење во Македонија и борецот за правдата и слободата на македонскиот народ. Нашата пребогата македонска историја чува низ своите бројни страници, голем број имиња и презимиња на луѓе кои го дале својот несебичен влог за борбата и опстојот на Македонија, но чинам дека името на Гоце Делчев го зазема самиот врв во тој историски именик. Останува по кој знае кој пат да потврдиме и да повториме дека Гоце Делчев беше војник за слободата, стратег и професионален револуционер, ум со висок капацитет и широчина и човек со брилијантна визионерска обдареност. Гоце не само што гледаше кон иднината, туку и чекореше кон неа. Делчев ќе остане запаметен и по неколку негови легендарни мисли кои остануваат да сведочат за неговата генијалност и да бидат огледало за неговиот лик и дело. Во оваа прилика ќе издвојам само една во која тој вели Македонија има свои интереси и своја политика , таа им припаѓа на сите Македонци“, изјави Костадинов.
„Оној што сака да ја присоедини кон Бугарија или кон Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин или добар Грк, но не и за добар Македонец. Таков Бугарин или Грк го поддржува и вечниот конфликт меѓу балканските народи кои треба да живеат во братска дружба, за да бидат посреќни. Македонија и припаѓа на сите Македонци, без разлика на религии, нации и јазици. Во утрешна слободна Македонија ќе се здружат сите Балкански народи“. Ете така размислуваше Гоце Делчев. Ете така, драги мои сограѓани, Гоце ја сакаше Македонија, зборуваше за Македонија и се бореше за Македонија. Македонија тоа треба да го памети за вечни времиња и бескрајно да му биде благодарна“. Во знак на почит, пред споменикот цвеќе положија претставници на општина Струмица, Општинскиот сојуз на борците, јавните институции, политичките партии и други почитувачи на неговото дело. По повод 145-годишнината од раѓањето на Делчев, членовите на рецитаторската секција при ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса го изведоа рециталот „Делата Делчеви, достојни за почит и слава“, додаде тој.