Со повеќе настани и манифестации, Штип ја одбележа 74-годишнината од ослободувањето на градот од фашистичката окупација. Дел од манифестациите се одржаа пред, а дел на самиот празник на градот, 8 Ноември. Празничниот ден започна со променаден концерт на дувачкиот оркестар „Про арт“, по што беше положено свежо цвеќе пред спомен-бистата на командантот на македонската војска во Народноослободителната војна, Михаило Апостолски, кој е роден во Штип токму на 8 ноември, но во 1906 година, а потоа букети свежо цвеќе беа положени и на Споменикот на Револуцијата на Исарот.
Традиционално, на 8 Ноември се одржа и свечена седница на Советот на Општината, на која зборуваа претседателот на Советот, Јане Миланов, и градоначалнкиот, Благој Бочварски. На седницата беа врачени традиционалните осмоноемвриски признанија. Годинава носители на признанието се актерката Јелена Јованова, новинарот Мишко Иванов, професорката на Земјоделскиот факултет на УГД, Билјана Балабанова, и компанијата „Кит Го“.
Во националната и универзитетска библиотека „Гоце Делчев“, пак, се одржаа традиционалните „Митровденски средби на доктори на науки“, на која беа промовирани новите доктори на науки од Штип што докторирале во изминатата година.
– Манифестацијата ја одржуваме по 17. пат. Во изминатите 16 години промовиравме 178 доктори на науки, а сега промовираме уште пет, од кои тројца се од техничките, а двајца од правните науки – истакнаа од Библиотеката.
Нови штипјани и штипјанки-доктори на науки се: Александра Роглева – Ангеловска, Марјан Џидров, Елена Максимова, Сања Ристевска и Викторија Камчева.