Деблокирана сметка и реализирани три капитални инвестиции во општина Карбинци. Дел од ветеното на граѓаните го реализиравме во рок од една година, неколку проекти го имаа и својот почеток, потенцираше во својот отчет градоначалникот Јордан Насев
„Изградба на пречистителна станица за фекалии и отпадни води од домаќинствата во село Карбинци, која што беше финансирана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Швајцарската влада во износ од 46 милиони денари е завршена и ставена во употреба е првиот капитален проект. Вториот е изградба и уредување на Козјачка река во село Карбинци во должина од 356 метри. Вредноста на овој проект беше 210.000 евра. Исто така и овој проект е реализиран, направен е технички прием и е ставен во употреба. Со средства од Светска банка со вкупна вредност од 250.000 евра, реализирани се три проекти. Во село Таринци-реконструкција на главната улица, асфалтирање и изградба на тротоари и фекална канализација, реконструкција на Домот на културата а во село Карбинци, изграден е зелен пазар. Вкупната вредност на сите овие проекти изнесува 1,2 милини евра.“-потенцира Насев.
Финансиска поддршка од над милион евра, чекаат проекти, кои што треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во општината.
„Дополнително преку Светска банка на име туризам, аплициравме и со проекти вредни 26 милиони денари. Деновиве очекуваме и официјално објавување на повикот за учество за добивање на финансиски средства. Тоа е асфалтирањето на пристапниот пат до планинарскиот дом Вртешка, изградба на вештачка карпа за планиарско спортување, повеќенаменско игралиште, рекламни биолборди и градежна машина за оддржување на овој пристапен пат како во летниот, така и во зимскиот период од годината“, изјави Насев.
Како општина во изминатиот период аплицирале до сите државни институции и до фондовите на ЕУ за реализирање низа инфраструктурни проекти, што ќе им ја олесни работата на земјоделците, но и ќе ги поврзе селата со локални патишта и ќе им се овозможи и изградба на фекални канализации со пречистителни станици. Во моментов течат и тендерски постапки за изградба на тротоари низ селата Долни Балван и Радање, а реконструирани се и старите водоводни мрежи во неколку села.
Еден од најважните капитални проекти, што чекаат позитивна реализација во наредниот период е најавената изградба на Фабриката за вода со користење на водите од ХС „Злетовица“. Вредноста е во финансиска рамка од 2,6 милиони евра.
Во својот отчет за една година на чело на општината, Насев укажа и на повеќе реализирани проекти од областа на социјалата, аграрот и бизнис секторот.