– Не е лено да се чува, треба да му дадеш на детето да јаде, да го капеш, да внимаваш да не запали нешто … – вели бабата на Маја, Јорданка Десподова.
– Децата патуваа по 30 километри дневно, летно време жешко, зимно време студено . Со отворањето на овој Дневен центар ќе почувствуваме олеснување и ние родителите, но и децата – со олеснување на душата зборуваше пред камерата на ММС Силвана Стојковска, родител на дете со посебни потреби.
Ова е секојдневието на родителите чии деца се со посебни потреби. За среќа, овие луѓе од Македонска Каменица добиваат олеснување – се отвори Центар за лица со посебни потреби.
– Во моментов имаме петнаесет дечиња, а Центарот за нив ќе работи од 7 до 17 часот. Се планираат едукативни активности за лицата до 18 години и работни активности за лицата над 18 години, но од идната година, кога ќе се прошират дејностите на Центарот – вели Благој Стоименовски, директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Делчево.
Овој Центар не е отворен само за лицата со атипичен развој, отворен е за целото општество. Важно е сите лица кои сакаат да поминат време овде да дојдат и споделат емоција, активност, да дојдат овде и да го сторат тоа заеднички со вработените во Центарот – истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Соња Стаменкова, градоначалничката на Македонска Каменица вели:
– Нашата Општина има буџет со кој во континуитет ги поддржува здруженијата и сите оние кои згрижуваат лица со посебни потреби во нивните проекти. Дополнително ќе нагласам дека Општина Македонска Каменица обезбеди дополнителна просторија која е надвор од овој центар, а тоа е просторија во која штитениците ќе го поминуваат своето слободно време.
Отворањето на дневниот цетар како проект е поддржан од UNDP.
– Ова е одличен пример како со малку средства може да се постигнат големи резултати – наведе Нарине Сахакјан, заменик на постојаната претставничка на UNDP во Македонија, при посетата на Центарот за лица со посебни потреби.