Не требаше да помине многу за да стигне пораката таму каде што е наменета – до градските власти на Штип. Додека работниците на ЈП „Стипион 2011“ ги изведуваа работите на реконструкција на соседната улица, штипјанецот Петар Милев, кој има отежнато движење и користи инвалидска количка, дошол на идеја да им напише на градските власти, но преку Фејсбук.
„Живеам на улицата „Никола Коперник“. Го молам градоначалникот, кога веќе механизацијата е до мене, да мим помогне и да ги асфалтира потребните 10 метри, за да можам полесно да се движам со мојата инвалидска количка“, напиша Милев.
Кратко потоа, следеше одговор, ама со присуството на работниците директно на улицата, која води до куќата на Милев. Пристапот е целосно оспособен, а количката може непречено да поминува. Милев боледува од ретката болест хемофилија.
- Излегувам наутро, додека не е жешко со количката и ми треба овој простор од патот до дома. Сега засега оди добро и се надевам ќе се направи убаво, како што мене ми треба, рече Милев.
Инаку, пристапниот пат бил изграден пред 20-тина години, но се оштетил од снегот и мразот. До пред некој ден таму имаше песок што го оневозможуваше движењето на количката на Петар Милев, кој за својата потреба и’ пиша на Општината Штип и си го реши проблемот.