Срдечни средби по години невидување, радост што повотрно се дома меѓу своите, доминираше на традиционалната средба на иселениците во каменичкото село Цера, во комплексот Еленец. Но, помеѓу средбите со блиските, Општината Македонска Каменица на Денот на дијаспората настапи со идејата на иселениците поблиску да им ги претстави можностите за инвестирање и поддршка на нивните бизнис идеи. Каменичкиот крај полека станува печалбаски, со пребројани над 2000 иселеници, кои заминале во Германија, Италија, Словенија, Белгија и други земји. Некои од ни, таму, во новите земји, имаат успешни бизниси, како што е Тоде Веселиновски, кој во Италија вработува 10 луѓе. Иако во Италија е 23 години, за себе кажува дека е таму на „привремена работа“. Вели дека како пензионер ќе се врати во Каменица, а оптимист е и за младите.
-Очекувам во наредните години кога ќе дојде време за пензионирање, да се вратам во родниот крај. Младите се адаптирани таму, но мислам дека време и кога младината ќе се врати овде, изјави иселеникот Веселиновски.
Неговиот сограѓанин Стојан Атанасовски по 16 години работа во Италија се вратил во родната Македонска Каменица каде товорил градежна фирма. Вели работа има, нема работници.
„-Платите се ниски и младината не сака да работи. Сакаат помалку работа, повеќе пари и поубав живот. Надеж има. Државата треба да си преземе мерки за финансисрање, а исто така треба да помагаат и банките, е ставот на Атанасовски.“
Ислениците со кои разговаравме изјавуваат дека е потребен подобар економски амбиент за нивното враќање. Токму во таа насока се напорите на Општината Македонска Каменица, која стана втората општина во кој се отвори специјализирана канцеларија, наменета за иселениците. Токму на Денот на дијаспората, свечено беше отворена канцеларијата, која постојано ќе работи во фуннкција на потребите на иселениците. Градоначалничката Соња Стаменкова ги повика ислениците да ја искориста оваа канцеларија, да размислуваат за свој бизнис во родниот град, а општината да ја направат подобро место за сите.
-Наша обврска и наша желба е комуникацијата и соработка да ја подигнеме на многу повисоко ниво од она што е денеска. Првиот чекор е отворање на канцеларијата, во која нашите иселеници ќе имаат достоен партнер, од каде ќе почне соработката. Воедно, ќе бидат испочитувани нивните идеи и заложби за инвестирање во Македонска Каменица, изјави градоначалничката Стаменкова.
Канцеларијата наменета за дијаспората е и владин проект. Министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми, дојде во Македонска Каменица, за лично да им пренесе на иселениците дека од неодамна владата усвои закон, кој обезбедува поддршка на нивните бизниси.
- Во тој закон има посебен член, со кој се предвидува дополнителна поддршка на дијаспората од 10 отсто повеќе од онаа генералната поддршка, како инвеститори од дијаспората, се’ со цел, да дојдат и инвестираат со своите родни места, во својата држава, вели министерот Адеми.
Еднаков пристап кон домашните и странските инвестиции, е политиката на оваа влада, им пренесе на иселениците министерката за привлекување инвестиции Зорица Апостолска на рабонтиот состанок во Еленец.
-Доколку се одлучат да инвестираат во матичната земја, за нив има поголем број на мерки и двојна поддршка од страна на владата на РМ. Ова особено во делот на градбата на фабрики, во делот на донесување на нови машини и опрема, знаење, во погред на извозот…, појасни министерката Апостолска.
Општината Македонска Каменица веќе неколку години ја има слободната индустриска зона. Општината на иселениците, освен помош во почнување во сопствен бизнис им нуди и олеснувања и ослободување при почнување на нова инвестиција.
„Наша обврска и наша желба е комуникацијата и соработка да ја подигнеме на многу повисоко ниво од она што е денеска, Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица“
Идејата е што повеќе каменичани, својот бизнис да пренесат во родниот крај, преку отворање на нови работни места и заживување на локалниот економски живот. Како што вели градоначалничката Стаменкова, подготвени се да ги слушнат идеите на иселениците, а заедно потоа да ги преточат во инвестија, за подобар живот на сите во општината.
Овде можете да ја преземете презентацијата од „Ден на дијаспора 2018“