Деесетина познати македонски и балкански пејачи и групи ќе настапат на годинашната штипска „Пастрмалијада“ што ќе се одржи од 21 до 23 септември. Првата вечер ќе гостуваат Кристина Арнаудова, Влатко Стефановски, Дани Димитровска и белградската група „Ван Гог“. Втората, саботната вечер треба да настапат штипјаните Зоран Илиев и Јоце Панов, како и хрватската ѕвезда Северина, а на третата вечер ќе пеат „Либеро бенд“, Мирза Селимовиќ и „Амадеус бенд“.
Иако имаше најави дека ќе има концепциски промени, шемата останува иста. Манифестацијата и годинава ќе се одржи на старото место – крстосницата Дујле кај Градскиот стадион, а и терминот останува ист – околу 20 септември, однсоно годинава од 21 до 23 септември.
„Пастрмалијадата“, како што рече Кирил Панајотов, советник за јавни дејнсости во штипската локална самоуправа, која е организатор на манифестацијата, и годинава ќе чини околу 4,5 милиони денари, од кои 2,5 се од општинскиот буџет, а другите два милиона од спонзори и покровители.
И годинава на локацијата каде што ќе се одржува манифестацијата ќе има повеќе десетици штандови, главно на штипски угостители, на кои ќе се служат пастрмалии. Некои поголеми угостителски објекти и годинава немало да побараат штанд, бидејќи персоналот им бил зафатен во локалите, кои исто така се полнат со гости за време на манифестацијата.