Околу 400 домаќинства од две села во општина Карбинци, ќе добијат пристапен пат до нивните живеалишта. Пат ќе биде направен и до викенд населбата Вртешка. За оваа намена ќе бидат обезбедени средства преку Платежната агенција за рурален развој.
На последниот состанок на градоначалниците од Источно планскиот регион, општина Карбинци доби зелено светло да аплицира на повикот на Платежната агенција за рурален развој по мерката 3-2-1 за изградба на овие три пристапни патишта, спој на регионалниот пат Штип-Плачковица.
Апликацијата веќе е поднесена, информира градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев
“Се однесува за средства од 19.780.321 денари за изградба на три пристапни патишта, спој на регионалниот пат Плачковича-Штип. Поконкретно, ние аплицираме за изградба на пристапен пат до село Калузлија со вкупен износ од 5.614.786 денари, пристапен пат до селото Кепекчелија со вкупна вредност од 6.445.756 денари и за викенд населбата ќе се бараат средства во износ од 7.719 779 денари.Сите три патишта се со вкупна должина од два километри и истите ќе бидат достапни до 400 домаќинства.“
Изградбата на овие патишта е повеќе од неопходна.Секоја временска неприлика постоечките пристапни патишта ги прави очајни, и за жителите од овие населени места регионалниот пат им станува недостапен иако е одалечен само 800 метри, вели Насев
“При мали врнежи од дождови или снегови,луѓето не можат да користат превозни средства, принудени се пешки да патуваат од нивните населени места а само на 700-800 метри покрај нов поминува регионалниот пат Плачковица-Штип“образложи Насев.
Изградбата на само 2 километри пат од повеќе аспекти ќе значи олеснување на животот на жителите од овие села,кои што и поради овој проблем ги напуштаа овие села, преселувајќи се во селата кои што имаа подобри услови, како Радање,Таринци, Карбинци.