Поставување десет активни зони за вежбање
Денеска градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, ќе изврши увид во реализацијата на проектот за поставување десет активни зони за вежбање. Градоначалникот Бочварски ќе изврши увид во поставувањето на зоната за вежбање во урбаната заедница Автокоманда, кај пинг-понг салата, со почеток во 11:30 часот.
Настани во рамки на Штипско културно лето
Денеска, 5 јули (четврток) во УГ „Безистен“ со почеток во 20:30 часот ќе се одржи вечер на современи соло песни со сопран Виолета Арсовска и Марија Максимова на пијано.
Изведба на два нови експлоатациони бушени бунари во локалитет Штипско Езеро
Вчера градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, изврши увид во изведбата на два нови експлоатациони бушени бунари во локалитетот Штипско Езеро, а со цел обезбедување дополнителни количини сирова вода.
„Се работи за инвестиција на ЈП „Исар“ во висина од 415.000 денари, со што ќе го зголемиме капацитетот за водоснабдување за околу 30 литри вода во секунда, што значи значително ќе се подобрат можностите на Општина Штип и на јавното претпријатие за снабдување со вода на нашите граѓани. Ова е од исклучително значење, бидејќи ние како граѓани и како раководни структури мораме да се грижиме за здравото и сигурно водоснабдување во наредниот период, имајќи предвид дека се случуваат многу климатски промени. Вакви бунари се бушат прв пат после 2012 година, со што се покажува како новата локална власт предводена од СДСМ се грижи за потребите на граѓаните,“истакна градоначалникот Бочварски.
Ова е значајна инвестиција во духот на одговорно работење кое е во корист на граѓаните, бидејќи покажува дека нудиме конкретни, долгорочни решенија за граѓаните.
Дополнително, во овој дел од градот во изминатиот период беа изградени два инфраструктурни објекти, а тоа се пешачката патека и обиколницата. Иако станува збор за инфраструктурни објекти кои имаат директно влијание врз водоснабдителниот систем, за нив биле издадени градежни одобренија, но без да биде изготвен Елаборат за определување на границите на заштитни зони околу водозафатни објекти – експлоатациони бунари во Општина Штип.
Оваа грешка се исправа и ваков Елаборат веќе е изготвен, а за неговото изготвување ЈП „Исар“ оддели средства во висина од 354.000 денари.
Врз основа на првиот сегмент од овој Елаборат, а во врска со обиколницата, се предлага три од постојните бунари да бидат ставени надвор од употреба.
Врз основа на вториот сегмент од Елаборатот, а во врска со пешачката патека, предложени се две опции:
1. Патеката која минува во непосредна близина на бунарите и во рамките на првата заштитна зона на бунарските подрачја Фортуна и Штипско Езеро во иднина да се стави надвор од употреба
2. Бунарите кои се лоцирани во близина на патеката, односно помалку од десет метри од неа да се дислоцираат (прва потесна заштитна зона, каде не смее да има никаков пристап) и патеката да остане во функција.
За тоа како ќе се постапува по однос на укажаните препораки од Елаборатот, ќе одлучува Советот на Општина Штип.
Во секој случај, Општина Штип и ЈП „Исар“ се подготвени и инвестираат во дополнителни извори за водоснабдување на градот, затоа што нема да се дозволи штипјани да останат без вода.