Откако не успеа во Штип, здружението „Сплотени срца“ својот „Рехабилитационен центар за деца и возрасни со посебни потреби“ ќе го прави во општина Карбинци.
Советот на општината на последната седница донесе одлука да ја одстапи старата зграда на ПОУ во селото Долни Балван. Меморандумот за соработка за реализација на проектот треба да биде потпишан во текот на идната недела.
„Со оваа одлука, општина Карбинци покажува дека во проектот е подготвена да влезе на партнерски основи и дека водима грижа за маргинализираните групи во Регионот, општините Штип и Карбинци и пошироко“ вели градоначалникот на општина Карбинци, Јордан Насев.
Инаку со оваа земјиште располага Република Македонија. За да се добие земјиште без надомест, Здржението ќе треба да се обрати до Министерството за труд и социјална политика, додава Насев.
„Потоа на Влада може да се додели земјиштето без надоместок по што овие лица и Здружението ќе можат истото да го користат за понатамошна изградба на згрижувачки капацитети“ вели Насев.
Од здружението „Сплотени срца“ се пресреќни што општина Карбинци и градоначалникот им излегоа во пресрет и го прифатија нивното барање.
„Ова ќе биде прв ваков центар во Македонија кој ќе биде рехабилитационен центар во кој што од децата и возрасните со посебни потреби ќе го извадиме максимумот, за да можат и тие да придонесат за оваа општество, бидејќи има повисоко функционални деца и возрасни кои можат без проблем понатаму да се вклучат во нашето општество. Во овој центар не само што ќе вршиме рехабилитација на децата и возрасните, туку во овој центар ќе добијат и вработувања некои од повисоко функционалните возрасни со посебни потреби“ вели Зоран Мијалков од НВО „Сплотени срца“.
Здружението веќе започна кампања за собирање на финансиски средства.
„Планираме со здружение на родители од градот Симитли, Р.Бугарија, заедно да конкурираме за ИПАРД 2 програмата за меѓународна соработка. Се надевам дека откако ќе се потпише меморандумот ќе дојдеме и до Европските пари со кои што веќе уште оваа година ќе се започне со изградба и опремување на овој Центар.“
Целиот проект според првично направените пресметки ќе чини од 340-350.000 евра, при што 10-20% од средствата во план е да ги обезбедат самите родители, вели Мијалков.