Костадинов: Струмица останува посветена во аспирациите на Македонија за влез во Унијата

Струмица денека го дочека Н.Е. Хенрик Маркуш, Амбасадор на Словачка, а поводот беше одбележување 20 години од историското проширување на Европската Унија во 2024 година. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов присуствуваше на настанот организиран од Европска куќа – Струмица и Амбасадата на Словачка, каде се обрати словачкиот амбасадор Маркуш, кој сподели сознанија за предизвиците и успесите на Словачка за време на нејзиниот пристапен процес, нудејќи значаен увид за она што ги очекува земјите аспиранти за членство, меѓу кои и Македонија.
Присутните имаа можност да погледнат изложба на дела на тема: достигнувањата на шесте членки на ЕУ кои се приклучија на унијата во 2004 година, преку која беше нагласено длабокото влијание на членството во ЕУ врз дипломатијата, развојот и соработката.


“Денес се одбележува 20-годишнината од еден од клучните моменти во Европската историја. Како сведоци и протагонисти на напредокот и споделувањето заеднички вредности што ги претставува Европската Унија, треба и мора уште посериозно да работиме и да се посветиме на подобрување на нашите перформанси. Чекорите на Словачка до членство во ЕУ се моќен пример за тоа како упорноста, реформите и практицирањето на демократијата можат да трансформираат една нација, во прогрес. Денешниот настан е убаво потсетување на огромните можности, но и одговорности и обврски кои доаѓаат од ЕУ. Во оваа насока, Струмица останува посветена во аспирациите на Северна Македонија за влез во Унијата. Делуваме локално, преку поддршка, стимулирање и примена на позитивните европски принципи на различни нивоа – од работата на локалната самоуправа до секојдневието на граѓаните” – изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Струмица.
Во рамки на одбележувањето на овој јубилеј, Градоначалникот активно учествуваше во дискусијата и во таа смисла се заблагодари на Европска Куќа Струмица и Амбасадата на Словачка за поттикнување дијалог и размена на искуства од земјите-членки на ЕУ, со цел зајакнување на пристапните напори на Македонија.