Нови 35 паркинг места ќе обезбеди катната гаража која започна да се гради денес во Штип, непосредно до зградата “Промаја”, информираше на денешната средба со новинарите градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.Веднаш до зградата „Промаја“ во Штип од денеска почна изградбата на мини катна гаража. Според него се очекува истата да биде готова на почетокот на 2025 година.
- Ова е едно од тесните грла во нашиот град и оваа локација секогаш има потреба од повеќе паркинг позиции. Местоположбата каде се наоѓа предвидената мини катна гаража е досега неискористена локација која согласно Деталниот урбанистички план (ДУП) е наменета за паркирање. Повеќе од девет милиони денари се предвидени од Буџетот за изградба на оваа мини катна гаража којашто предвидува 35 паркинг позиции. Очекувам во наредниот месец да се работи со засилена динамика и на почетокот од 2025 година штипјани да имаат уште една локација дополнително за паркирање, изјави Јорданов.
Жителите на Штип веќе активно ги користат претходно изградените катни гаражи во градот, онаа кај Центарот за култура „Ацо Шопов“ како и кај поранешната стоковна куќа НАМА. Во меѓувреме се работи на нови паркинг позиции низ населбите.