Сообраќаен парк како едукативна и забавна содржина добија денес децата од штипската градинка Астибо. Како што истакна директорот на градинката, Иле Митров на овој начин децата ќе можат да уживаат во содржините на паркот но и да се стекнат со низа знаења од областа на сообраќајот како и полесно да ја изградат својата сообраќајна култура.
На денешното отварање, тој изрази благодарност до општината како и до јавните претпријатија кои како што рече се одзваа на повикот за реализација на целиот проект.
- Крајниот бенефит од ова ќе го уживаат дечињата и ќе може многу идни генерации да го користат понатаму и на овој начин преку игра да ги научат основните сообраќајни правила и прописи, како и правилата за движење и учество во сообраќајот, истакна директорот Митров.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов кој истакна дека особено го радува тоа што Штип како град добива уште една нова содржина.
- Кога ја добив идејата за реализација на овој проект, кој е прв во нашата држава, ме израдува фактот дека ќе бидеме први во Македонија и веднаш влеговме во реализација и финансирање на истиот, се надевам на задоволство на сите дечиња кои ќе го користат овој сообраќаен парк, рече градоначалникот Јорданов.
Тој нагласи дека во насока на подобрување на условите не само во детските градинки туку и во училиштата, веќе се работи на ново решение во рамки на ОУ Тошо Арсов, каде како што истакна ќе биде реализиран сообраќаен проект сличен на денешниот, не само за учениците туку и за сите малолетници кои ќе можат да се едуцираат и да ги користат неговите содржини.
Вкупно 600 илјади денари од буџетот на Општина Штип беа потрошени за изградба на Сообраќајниот парк во Штип.