Во текот на наредните два дена Штип ќе биде домаќин на седмото издание на интернационалниот Фестивал на камерни хорови „Астибо фест“, информираше на денешната прес-конференција уметничката директорка на „Астибо фест“, Ивана Ѓурѓевиќ-Јанков.

Фестивалот ќе се одржи на 4 и 5 октомври, на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип , а според најавите учество на истиот се очекува да земат и камерни хорови од соседна Република Бугарија и Република Србија.

  • Учесници на седмото издание на „Астибо фест“ ќе бидат женски камерен хор „Керамија“ од Прилеп, градски камерен хор „Ѓергев“ од Делчево, фолк арт формација од Ќустендил, Република Бугарија, хор при гимназијата во Делчево, потоа женска  група „Ѓурѓа“ од Делчево, хорови од Крагуевац, Република Србија, два реномирани хорови со богата хорска традиција „Кочо Рацин“ од Скопје и академски хор „Мирче Ацев“ од Скопје, секако ќе се претстави и хорот домаќин „Астибо“ од Штип, вели Ѓурѓевиќ-Јанков.

Свеченото отварање на Фестивалот „Астибо фест“ е утревечер во 19 часот, сите хористи пред почетокот на фестивалот ќе ја испеат песната „Да живее музиката“.

Таа додаде дека фестивалот свечено ќе го отвори градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, влезот е слободен, за сите граѓани кои сакаат да уживаат во убавата музика. Фестивалот на камерни хорови „Астибо фест“ секоја година го организира хорот „Астибо“ од Штип, коорганизатор е Центарот за култура „Ацо Шопов“, а е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам.