Модни компании од Штип на 30 септември, 1 и 2 октомври ќе ги претстават своите модни брендови на Shtip fashion days, настан на кој покрај нив со две модни ревии ќе учествуваат и студентите од Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип. Настанот е во организација на Општина Штип, која децении наназад важи за синоним на текстилната и модна индустрија.
- Овој настан е со цел да се изврши реинкарнација на текстилната индустрија во нашиот град, всушност и самото име и слоганот на настанот е реинкарнација, затоа што општината има потреба од реинкарнирање на текстилната индустрија, со којашто ќе се зајакне локалната економија. Затоа и оваа година ги вклучуваме поголемите текстилни компании, со надеж дека наредната година ќе имаме уште поголем број на учесници и уште поголем број на локални компании, коишто решиле да произведуваат сопствени брендови, рече на денешната прес конференција Вишна Шорова-Ангелова, сектретар на Општината.
Таа посочи дека денеска се одржа и официјална фото сесија на која неколку македонски инфуленсери ги презентираа брендовите на штипските модни компании, што значи јавноста за кратко време ќе има можност да погледне се она што ќе се случува на 30 септември и на 1, 2 октомври во Штип во рамки на поранешната фабрика „Македонка“.