Неколку години наназад, традиционално последниот викенд од септември резервиран за најновото издание на фестивалот на песни за деца “Весело Штурче”.

Годинава ќе се одржи триесетото јубилејно издание и како што вели уметничкиот директор Филип Стефановски и годинава фестивалот ќе понуди привлечни содржини. На сцената на НУЦК Ацо Шопов ќе бидат испеани 21 нова композиција, а билетите од понеделник и официјално ќе бидат пуштени во продажба.

  • Имаме 21 нова композиција од различни автори, имаме четири композиции кои се дуети, имаме 11 дечиња хор и четири деца бенд. Оваа година официјалниот датум за одржување на фестивалот ќе биде 26 септември од 19.30 часот, со претпремиерно издание во 17 часот, истакна на денешната прес конференција Стефановски.

По повод одбележувањето на 30 години од одржувањето на првото “Весело Штурче” во далечната 1994 година, Стефановски најави ретроспектива на дел од композициите кои беа испеани таа година и кои до ден денес останаа како големи хитовски рефрени.

Стефановски потврди дека и годинава “Весело Штурче” го задржува хуманитарниот карактер, откако веќе две години заедно со Фондацијата за развој на локалната заедница е дел од проектот Направи разлика финансиран од УСАИД.

Како и лани и оваа година дел од средствата собрани од продажбата на билетите и производите со логото на Веселото штурче, ќе бидат донирани во фонд за деца кои се талентирани а не се во можност финансиски да обезбедат учество на фестивалот.

  • Оваа година стипендираме три такви дечиња а купивме и три инструменти, гитара, бас гитара и тапани, благодарение на срдствата кои беа собрани од минатогодишното издание на Веселото штурче, истакна Филип Стефановски, дирекор на фестивалот на песни за деца “Весело Штурче”.

Како и минатата година и годинава билетите  ќе можат да се купат по цена од 250 денари, во Сити поинт во Штип како и во Штип Сити мол, а истите ќе бидат пуштени во продажба веќе од понеделник, додаде Стефановски.