Започна изградбата на нов забавен парк непосредно до веќе постоечките детски реквизити во паркот Пролет, кој како што истакна градоначалникот Иван Јорданов ќе има за цел да ги анимира најмладите жители на Штип првенствено во летниот период од годината.
- Станува збор за една содржина која што верувам ќе ги анимира најмладите, затоа што летните месеци се вистинска причина да создадеме детски катчиња каде ќе се анимираат и ќе другаруваат најмладите во нашиот град, нагласи Јорданов на денешната средба со новинарите.
Тој посочи дека освен оваа содржина за која веќе се во тек градежните активности, во текот на наредниот период вакви или слични детски катчиња ќе добијат и уште неколку други населби во градот.
- Населбата Балканска, населбата Чардаклија, Кадидере, населбата Сењак како и Стар конак или повеќе од шест локации ќе бидат опфатени со активностите за поставување детски реквизити и детски катчиња, преку кои Општина Штип ќе создаде услови за дружење и анимација на најмладите генерации, рече Јорданов.
Вкупната инвестиција од Буџетот на општината одвоена од парите на граѓаните, за создавање на ваквите уникатни содржини е нешто повеќе од пет милиони денари, а активностите според Јорданов се очекува да завршат во текот на наредните недели.
Градоначалникот Јорданов и во оваа прилика уште еднаш апелираше до граѓаните за поголема општествена одговорност кон веќе поставените содржини, откако во неколку наврати претходно дел од реквизитите во детските паркови и катчиња беа цел на вандалски напади и истите веќе неколку пати до сега се заменуваат со нови.