Во завршна фаза се градежните активности околу новиот полузатворен дел на Градскиот пазар, информираше градоначалникот на Штип, Иван Јорданов. На средбата со новинарите, Јорданов нагласи дека се работи и на нова паркинг површина со која ќе се обезбедат дополнителни 50 паркинг места.
Зголемената потреба од паркинг места во петок е главната причина поради која се работи и на овој проблем на штипскиот пазар. Посочи дека до крајот на оваа недела се очекува да завршат градежните активности и, како што вели, конечно да се овозможат современи услови за пазарџиите и купувачите на штипскиот пазар.
- Главен проблем и главна потреба на сите оние кои го користат градскиот пазар е за време на пазарен ден, обично во петок да биде зголемена потребата за паркирање. Со ова драстично ќе се подобрат можностите за паркинг простор. Јавното претпријатие ќе има должност да управува за истиот паркинг којшто ќе биде во корист во функција на полузатворениот пазар. Веќе овој петок се очекува да се финализираат другите активности поврзани со пазарот и веќе конечно купувачите и продавачите да имаат посовремени услови за купување и продавање земјоделски производи, рече Јорданов.
Истакна дека паралелно се работи и на асфалтирање на други места во градот, асфалтирање на конзолата на кејот на реката Отиња, а се поставува и асфалт на улицата „Астибо“.