Со нешто помалку од три милиони денари Општина Штип постави тартан подлога, спортски реквизити, целосно го уреди и осветли новото игралиште во населбата Балканска, кое викендов и официјално беше пуштено во употреба.
Како што нагласи градоначалникот Иван Јорданов станува збор за повеќенаменско игралиште за мал фудбал и кошарка, кое е не само долгогодишна желба туку и потреба на жителите од овој дел на градот.
- Заедно со ЈП Стипион влеговме во реализација на оваа инвестиција и на задоволство на жителите од оваа населба игралиштето веќе ќе може да се користи. Нешто помалку од три милиони денари се потрошија за поставување на специјализирана тартан подлога, соодветни реквизити, целосно уредување и осветлување, нагласи Јорданов.
Покрај ова игралиште во наредниот период како што истакна Јорданов во населбата Балканска ќе се гради и целосно уреден и опремен нов парк, а ќе се работи и на реконструкција на неколку улици и краци во населбата.
- Идните планови за овој дел од градот е да се направи парк веднаш до спортското игралиште со поставување на канделабри, урбана опрема, клупи и поплочување на патеки, вели Јорданов додавајќи дека во текот на наредните денови се очекува да започне и реализацијата на детско катче со детски реквизити за најмладите од населбата Горна Балканска.