Во завршна фаза е проектот “Штип и Берово заедно за подобрување на животот на ромската заедница” , финансиран од страна на Европската Унија, кој го реализираат двете општини, информираше денес на прес конференција Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип.
Станува збор за проект во износ од 900 илјади евра од кои како што нагласува Шорова-Ангелова, 500 илјади евра припаѓаат на Општина Штип и се предвидени за инфраструктурни зафати поточно урбанистичко планирање на населбата како и воопшто за подобрување на животот на ова население.
Според зборовите на секретарот на Општина Штип, од наредната недела започнува објавувањето на тендерите преку кои ќе бидат избрани економските оператори кои ќе бидат одговорни за изградбата на монтажните односно т.н типски куќи во населбата Света Недела.
- Во овие типски куќи ќе бидат сместени 43 ромски семејства или поточно 300 граѓани на нашата општина. Со овие семејства работи веќе извесен период општината и семејствата главно живеат во старо нервно и во централното градско подрачје, а веќе се потпишани изјави дека се согласни да ги променат своите живеалишта и да се преселат во типските објекти кои ќе се градат во наредниот период, вели Шорова – Ангелова.
Според нејзе очекувањата се до крајот на летниот период проектот веќе целосно да се реализира и овие семејства од субстандардни услови да добијат нормални услови за живот.
Покрај 43те типски објекти Шорова-Ангелова најави и изградба на соодветна инфраструктура во населбата, со водовод , канализација и осветлување со што ќе се овозможи подобар живот за оваа социјално загрозена заедница.