Во финална фаза е реконструкцијата на една од клучните сообраќајници во населбата Трети Реон Делчево – улицата „Острец“. Со поставувањето на асфалт завршува реконструкцијата на оваа улица сообраќајница, која се се одвиваше по целата должина на улицата од 600 метри. Реконструкцијата на улицата опфати гребење на стариот асфалт и поставување нов асфалт со што жителите од населбата добиваат современа сообраќајница со подобрена безбедност на учесниците во сообраќајот, но и соодветен пристап на противпожарни и амбулантски возила со што се одговара на приоритетите на жителите од населбата, но и на сите граѓани. Вкупната вредност со ДДВ на овој проект е 3.169.333 ден. Од нив, Министерството за транспорт и врски преку Стратегијата и Декадата на Ромите инвестира 931.973 денари, а Општина Делчево 2.237.360 денари.
Градоначалникот Горан Трајковски направи увид во завршните работи на улицата при што истакна дека реконструкцијата на оваа улица е уште еден доказ за сериозниот пристап во решавањето на проблемите со инфраструктурата во градот и максималните заложби да се подобри квалитетот на животот на граѓаните на Делчево.
Реконструкцијата на улицата е финална фаза од градежните работи кои се изведуваа во оваа населба. Претходно на ул „Острец“се реконструираше и критичната кривина на улицата која денес е со проширен коловоз, тротоари, потпорен ѕид, изградена е атмосферска канализација, а овој дел од улицата има и соодветно сообраќајно обележување. Исто така, претходно на овој реон од Делчево беше извршена и реконструкција на водоводната мрежа и замена на старата мрежа со пвц-инсталации во должина од 400 метри.