Претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции, граѓани на Делчево, денеска ја одржаа првата форумска сесија од предвидените три сесии за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2024 година.
Целта на организацијата на форумот е одредување на приоритетните проекти за реализација за наредната година детектирани од граѓаните, а Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните и анализирајќи ги предложените приоритети ќе ги предвиди за реализација.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој го отвори Форумот истакна дека буџетскиот форум е одлична алатка за дефинирање на приоритетите и креирање на Буџетот на една општина, а за мене како градоначалник, е многу важно партнерството меѓу граѓаните и Општината и граѓанското учество во сите сфери од живеењето.
-Сведоци сте дека во изминатите години изградивме многу капитални проекти и решивме децениски проблеми со што одговоривме на вашите приоритети: изградивме капела, пешачки мост, современ градски пазар, почнавме со изградбата на новата детска градинка во населба Расадник; во полн ек е изградбата на пречистителна станица за вода за пиење, изградбата на водоводи во селата Ѕвегор и Габрово, завршиме со реконструкцијата на водоводната мрежа и замена на старата дотраена азбестна инсталација со нова пвц-инсталација со што го решаваме проблемот со квалитетот на водата за пиење и честите дефекти на водоводната мрежа; паралелно градиме и реконструираме улици; за прв пат се асфалтираше стариот пат Делчево-Тработивиште; реконструкција на локалниот пат за с. Стамер; се реконструираше регионалниот пат за с. Разловци-одбран, како наш приоритет и по наше барање до ЈПДП, посочи Трајковски.
Тој потенцираше дека наредниот период и во рамките на големиот проект за Подобрување на водоснабдувањето на Делчево со обезбедените нови 1,9 мил. швајцарски франци од Швајцарската Конфедерација и Мин. за животна средина, ќе го реконструираме резервоарот за вода во месноста Чука, а ќе се изгради водовод во с. Вирче кој ќе биде приклучен на системот на Лошана. Во овие 2 години од вториот мандат на Трајковски во Делчево се инвестираат над 420 милиони денари, средства наменети за развој на Општината.
Во рамките на процесот беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и предлог-рамката на Буџетот за 2024 година. На трите форумски сесии учесниците ќе работат во тематски групи. Буџетските форуми се во организација на Регионалниот центар за застапување и Општина Делчево.