Со Центарот за дневен престој на лица со попреченост со вклучен индивидуален третман и Услугата индивидуален третман, општина Струмица ги збогати социјалните и инклузивните услуги, со што останува најинклузивната Општина во државата.
Градоначалникот Костадин Костадинов, координаторот за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски, претседателот на Советот Марјан Даскаловски, негови членови и претставници на општинската администрација, денеска го посетија Центарот, кој е комплетно опремен по најсовремени и стручни критериуми, останува уште добивањето на лиценцата за да започне да функционира.
-Граѓаните бараат, а ние реализираме. Аплициравме и добивме грант од Светска банка, на задоволство на сите граѓани, а посебно на лицата со попреченост. Со овој Центар се обезбедува бесплатен дневен престој за 24 дечиња со попреченост и бесплатна услуга индивидуален третман од специјален едукатор и рехабилитатор и логопед за други 20 дечиња на кои им е тоа препорачано, а кои се на возраст од 3 до 14 години. Добивањето на овој проект и грант за општина Струмица не значи само развивање нови социјални услуги и нови инклузивни можности во заедницата на децата со попреченост, туку и социјална инклузија и општествена и егзистенцијална сигурност на семејствата на децата со попреченост кои ќе можат да бидат вработливи и општествено активни, рече градоначалникот Костадинов.
Општина Струмица во овој проект учествува со вкупно 5,6 милиони денари и со отстапување на простор со површина од 300 метри квадратни.
Според Спасе Додевски, Центарот е отворен според потребите на граѓаните и нуди дополнителна услуга за децата кои тука ќе можат да престојуваат пред или по наставата и ќе добиваат повеќе видови терапија. Престојот на децата е целосно бесплатен, односно по завршувањето на проектот финансирањето на Центарот ќе биде обезбедено од Министерството за труд и социјална политика и Општина Струмица.
Струмица беше, е и ќе остане најинклузивна општина во државата. Прва ги вклучи специјалните едукатори и рехабилитатори во стручните служби во сите основни и средни училишта, прва започна со специјално образование на ученици со аутизам, прва обезбеди лични и образовни асистенти на ученици со попреченост вклучени во образовниот процес и бесплатен превоз за учениците и прва додели средства за сензорна соба во основно училиште. Има воведено и развиено вкупно 4 нови социјални услуги за лица со попреченост и стари лица, просторно го поддржа регионалното стручно тело за функционална проценка (МКФ) кое исто така ќе биде сместено во овој објект и прва отвори Центар за лица со Даунов синдром.