Проектот за доизградба на Домот на култура во Куклиш е меѓу деветте кои беа прифатени по објавениот Оглас за распределба на капиталните дотации во областа на културата, чија втора фаза ќе биде финансирана со 5,7 милиони денари од Министерството за култура и 3.300.000 денари од буџетот на општина Струмица. Посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, беа доделени за 9 проекти, за чија реализација се распределени околу 40 милиони денари (39.964.237,00 денари).
Девет години од опожарувањето на објектот, кон крајот на минатата година почна да се гради нов Дом на културата во Куклиш. Во првата фаза беше урната старата опожарена градба и изграден нов до карабина фаза. Средствата за првата фаза покрај од буџетот на Општина Струмица, се обезбедени и од Министерството за локална самоуправа.
-Станува збор за нов модерен објект, кога градиме нешто ново треба да оставиме печат на нашето време. Сите луѓе оставаат печат во нивните мандати и мислам дека и јас и советниците од населеното место Куклиш треба да оставиме печат од нашиот мандат со нешто ново и модерно какво што заслужуваат жителите од ова населено место“, рече на почетокот на работите градоначалникот Костадинов.
Со средства од Министерството за култура, покрај Домот на култура во Куклиш, прифатени се и проектите на неколку други.
-Маврово и Ростуше во с. Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри, Културниот центар во Валандово ќе се санира, а со тоа се обезбедуваат современи услови за работа, инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сѐ поатрактивна туристичка и културна дестинација. Започнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центар за култура Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во Општина Чашка. Продолжуваме со реконструкција на Спомен-домот „АСНОМ” во Делчево, како и со изградбата на Домот на културата во с. Куклиш, Струмица”, рече министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.