Нова социјална мерка за поддршка на загрижувачки семејства со еднократен износ од 10.000 денари воведува Општина Делчево. Оваа иницијатива, што почнува да се применува од следната, 2023 година, денеска ја промовираше градоначалникот Горан Трајковски. На промоцијата на загрижувачки семејства во Делчево, како дел од националната кампања „Подај рака-стани згрижувач“ во организација на СОС Детско село, МТСП и Центарот за поддршка на загрижувачки семејства „11 Октомври“, Трајковски истакна дека оваа кампања е значајна и во насока на зголемување на свеста за згрижување деца и зголемување на бројот на потенцијални згрижувачи.
– Во контекст на кампањата „Подај рака-стани згрижувач“ и со цел да ја подигнеме свеста за згрижување деца и за што поголем број загрижувачки семејства во Делчево, Општина Делчево се вклучува во кампањата и како поддршка за семејствата кои згрижиле дете во Делчево, од наредната година ќе воведеме нова социјална мерка за исплаќање еднократен годишен надомест од 10.000 денари за згрижувачко семејство. Тоа е помош и поддршката од Општината за хуманите семејства кои ќе ја поддадат раката за да згрижат дете, на тој начин, ќе придонесеме децата да продолжат да живеат во семејство, во заедница и во позната околина, истакна Трајковски.
Директорот на ЈУ МЦСР од Делчево, Благој Стоименовски, истакна дека во Делчево има едно роднинско згрижувачко семејство, но и две се заинтересирани да станат згрижувачи.
-Како Центар за социјални работиме ние ги поттикнуваме граѓаните да станат згрижувачи и тука сме заедно да го изодиме патот. Стоиме на располагање за сите информации, за сите потребни документи и за остварување на нивните права како згрижувачки семејства, потенцираше Стојменовски.
Марина Христовска стручен работник во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „11 Октомври“ посочи дека целта на активноста е да се доближи формата на згрижување и да се запознаеме граѓаните со сите придобивки кои како згрижувачи ќе ги добијат.