Четириметарски самун прилагоден и за православни и за муслимански верници ја круниса првата вечер од манифестацијата „Самун ем татлија“, што по две години пауза се одржа изминатиот викенд во Радовиш.

Двегодишната пауза на веќе почната манифестација, беше засилена со македонскиот фолклор, што на сцена го донесе фестивалот „Радовиш собор“.

„Без самун, маџун и тутун Радовиш е како црква без камбани, ја цитираше градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, познатата мисла на Мориц Романо, двигателот на повоен Радовиш, син на последниот битолски рабин Аврам Моше Романо.

Со потсетувањето на мислата на Романо, на отворањето на манифестацијата, градоначалникот Ристов, рече дека трите вечери се посветени на традицијата, културата и туризмот и двата специјалитети кои одат заедно – самунот и татлијата.

-Со еден збор, симбиоза на радоста, на убавината, на музиката, народните ора и танци од Македонија и регионот, но и синтеза на модерна музика и танци. Радовиш и овој викенд, уште еднаш ќе покаже дека е гостољубив град, како град на пријателството, но и на вкусниот специјалитет во Македонија – радовишкиот сомун. Народните поговорки велат дека здравјето влегува преку устата и дека се живее од добар залак, а не од убави зборови. Драги пријатели, радовишкиот сомун не е храна, тој е традиција кога Елебија Челебија напишал дека Радовиш е чудно место бидејќи на толку мало место има повеќе од 20 фурни и тоа било знак дека овде, таа традиција мора да се задржи и да биде белег на овој град, кажа градоначалникот Ристов на отворањето.

Околу 40.000 самуни, специјалитет направен од месо и тесто се приготвуваат во текот на општинската манифестација. Четириметарскиот самун го подготви пекарот Димитар Лукаров, кој рече дека рецептот е едноставен, но треба да се знае како мајсторски да се зготви.

-Сомунот се изработува на тој начин што се подготвува тесто, се подготвува месо – зависи кој какво сака, ние овој го печевме во печка за леб, бидејќи е во голема димензија, 4 метри е долг. Инаку, малите сомуни се печат во печка или на дрва, или на струја, гас…, објасни пекарот Лукаров.

Во Радовиш велат дека не смее да се дојде во градот, а со самунот да не се вкуси и уште еден традиционален специјалитетот – татлијата. Интересно е што ова е еден до ретките традиционални десерти што се приготвува со сирење. Госпоѓа Маре од ЗГ „Деница“ ја откри тајната зошто во рецептот мора да има изобилство на сирење.

-Ние оваа рецепта сме ја наследиле од нашите тетки, свекрви, значи познати радовишани кои ја правеле таа татлија и велат – немојте да ставате ни ванила ни лимон, туку да си доминира баш сирењето. Најубаво е да се направи со младо овчо сирење. Радовишкиот самун за мене е еден од најубавите самуни, така што самунчето ќе се касне, па татлиичката –  ептен убаво. Би сакала да пробате да видите, само во Радовиш го има тој вкус, изјави Маре.

Ова осмо издание на манифестацијата „Самун ем татлија“ радовишани и нивните гости го зачинија со фолклорниот фестивал „Радовишки собор“ со амбиции да прерасне во традиционален. Главната сцена на манифестацијата беше целосно резервирана за македонски изведувачи, меѓу кои Влатко Стефановски Трио,  Брас Брадерс,  Игор Џамбазов и Гуру Харе, Ибишеви и други.

Општината Радовиш покани гости од своите збратимени градови од Хрватска, Романија, Турција, Бугарија и Србија, но пред се’ беше домаќин на сите љубители на радовишките сомун и татлија.