Преку разни активности за подигање на свеста за лицата со аутизам и подобрувањето на квалитетот на нивниот живот, Општина Штип го одбележа Меѓународниот ден на лицата со аутизам.
Лица од општината го посетија Дневниот центар за децата со аутизам кој во моментов згрижува седум деца кои се дел од образовниот процес. Освен што нуди услуга за згрижување, овде децата се подготвуваат за вклучување во сите свери на општеството.
– Морам да истакнам дека општината се грижи за сите лица со попречености во текот на цела година затоа што наша цел е еднакво да се грижиме за сите граѓани. Во овој контекст се насочени и јавните политики на локалната самоуправа. Доказ за ова се и новите мерки сите деца со попречености субвенционирани од општината да можат да ги посетуваат детските градинки. Моментално работиме и на проект за Регионален центар за класификација на деца со посебни потреби, рече секретарката на општината, Вишна Шорова.
Регионалниот центар за класификација на функционалноста ќе значи дека отсега наместо да се испитува попреченоста на децата со попречености, ќе се испитува нивната функционалност. Истиот ќе биде во центарот на градот, на имот кој ќе им биде отстапен од општината.
– Целта е децата што порано да бидат опфатени со проценка за нивната функционалност, со тоа што ќе се дава проценка на функционалноста со цел искористување на постоечките ресурси кои ги имаат општините и нивно вклучување за да се зголеми искористувањето на потенцијалите на децата. Сега се вршат обуки на кадар, тука ќе бидат вклучени специјален едукатор, психолог, социјален работник и доктор. Услугата ќе се дава во работни денови, рече Дејан Здравков од Центарот за социјални работи.