Во текот на кампањата детектирани беа над 120 диви депонии во Скопје. Сега до овој момент имаме исчистено над 30 и тоа целосно, а во истата фаза поставуваме заштита во зависност дали е имотот на државата или приватни сопственици, истото да се заштити за да не фрлаат повеќе. И тоа е еден од чекорите, а потоа и службите ќе започнат со казнување со големи глоби, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска за Канал 5, .
Таа истакна дека има еден сеопфатен систем, дел депонии се санирани, а дел исчистени целосно.
– Она кое ќе го отпочнеме се строги казни со илјадници евра и никој нема да биде поштеден доколку го загрозува здравјето и животот на скопјани, рече Арсовска.
– Исто така ќе се стави во употреба и дрон кој ќе детектира депонии, а службите се екипираат и ќе почнат да работат во смени. Нема да има во ниту еден случај простување, ќе се постапува по повеќе закони во исто време, дополни Арсовска.
Таа појасни дека ретко кога тоа го прават индивидуалци, напротив, некој зема пари за тој шут да оди на дива депонија наместо во депонија за таа намена.
– Што се случува, имаше огромна депонија која опфаќаше две големи парцели каде активно се фрлаше отпад и го палеа за да се намали обемот и да може повторно да фрлаат на истото место. Со тоа се загрозува здравјето и животот на скопјани, потенцираше Арсовска.
Во однос на украсувањето на градот, градоначалничката на Град Скопје истакна дека ги повикала сите компании да излезат во пресрет.
„Јас ги повикав, не само една компанија туку сите оние компании, сите оние претпријатија кои што сакаат да покажат сега немаме само енергетска туку имаме и економска, здравствена криза да ја покажат својата коорпоративно општествена одговорност и да излезат во пресрет сите оние кои што генерирале некакви профити во оваа година иако беше тешка, да ја покажат својата одговорност и едноставно да помогнат градот да има навистина убава и празнична атмосфера“, истакна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Арсовска додаде дека градот ќе биде украсен и тоа нема да никакви финансиски импликации на Град Скопје.
„Градот ќе биде украсен и во секој случај тоа нема да биде во оној обем во кој што било други години, затоа што сега во овој случај не е само поради енергетската криза, туку и економската криза и ќе биде во помал обем, но сепак целиот плоштад и централното градско подрачје ќе биде соодветно украсено“, нагласи Арсовска.
Таа посочи дека дел од средства Градот ќе ги искористи за помош на граѓаните од социјално загрозени категории, дополнувајќи дека Градот ќе работи транспарентно и без корупција.
„Да покажеме еден поинаков начин на работење. Значи да биде транспарентен, да биде отворен. Толеранција на корупција нула, нема да се толерира корупцијата воопшто никаде во ниту еден ешалон, кај ниту еден човек кој што е вработен во градската администрација“, рече Арсовска.
За БРТ испланирале да потрошат 70 милиони евра без одлука на Совет на Град Скопје, а не се консултирани ниту граѓаните, вели Арсовска.
– За БРТ превозот не постои ниту презентација пред совет на град Скопје, а и одлука на Совет на Град Скопје, а тие се претставниците на граѓаните во градот. Преземале обврска дека ќе потрошат 70 милиони евра, а Советот не донел одлука, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во „Само интервју“ на Канал 5 додавајќи дека ниту скопјани се прашани, ниту запознаени за истото.
– Немам намера да правам нешто без да ги консултирам скопјани, бидејќи тие не се консултирани за решението БРТ. Во 2017 некој имаше кампања за трамвај која во 2019 премина во БРТ. Во самите анализи кои се нарачани од градот Скопје се кажува дека за граѓаните овој проект е непознат и не знаат што ќе донесе овој проект, рече Арсовска.
Таа додаде дека постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение.
– Ризици се како отстранувањето на средишното зеленило од Партизанска, но поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната водоинсталација за питка вода за Скопје. Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети нации и истото не вкалкулирано во буџетот од 70 милиони евра и дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка детектирано е но и од нормалниот живот. И тоа е дополнителен трошок од над 6 милиони евра, вели Арсовска.
Според Арсовска, чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани и да одлучат дали е ова добро решение за нив.
– Јас понудив концепт за кој граѓаните се решија, но и споменав референдум. Има многу напади секојдневно и закани, но немам намера да потклекнам пред истите. Референдум е една од опциите кои може да се понудат дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ кое ќе го оптовари буџетот на државата за 70 милиони евра, нагласи Арсовска