Младите можат да придонесуваат и создаваат за заедницата. Кога таа нивна желба ќе се насочи со помош на локалната самоуправа, бизнис и невладиниот сектор, се добива вистинска младинска акција, вредна за почит. Младите од Општина Виница, ученици од основните училишта и гимназијата, во рамките на денешната акција, поделени во групи, бојадисуваа, цртаа , се дружеа во училишниот двор на Гимназијата, во рамките на проектот финансиран од УСАИД, Булевар.


Идејата беше да се анимираат и активираат младите, па затоа се вклучени ученици од основните и средните училишта, вели Мартина Ефтимова-Митева, професор по македонски јазик
„Целта е да покажеме дека се’ она што веќе е користено, старо, може да се репарира, дека може повторно да се пренамени. Со таа цел се фарбаа старите клупи, да се преместат потоа во руралните средини,“ изјави Ефтимова Митева.
Младите учесници во проектот не го криеа задоволство од своето учество во една ваква активност.

„ Во моментов ние репарираме стари клупи кои што беа поставени на Булеварот, а кои подоцна ќе бидат поставени во некоја рурална средина во Општината,“ ни изјави една од ученичките која беше дел од групата за репарирање на клупи.
Се црташе и разубавуваше и ѕидот во училишниот двор. Сликата носи и порака.
„Сликаме дел што претставува раце што се држат со планетата Земја“, ни образложија младите сликарки.
Старите клупи на Булеварот беа заменети со нови. Поставени се вкупно 12 клупи.


Средношколецот Борис Гошевски , смета дека треба што повеќе да има вакви активности, каде што младите ќе се дружат и на овој начин ќе придонесуваат за заедницата.
„Младите многу добро функционираат кога работат во групи.Тие на овој начин се дружат, си помагаат и прават нешто корисно за опшеството, додава Гошевски.
Дека интересот за учество во воншколските активност бил огромен, потврди и професорката Мартина Ефтимова-Митева.
„Се пријавија во поголем број и не знаевме дали ќе можеме сите да ги активираме, ама се обидовме колку што може повеќе да се вклучат. Самата онлајн настава, знаеме како се одвиваше и навистина им недостигаша училиштето а да не зборуваме за вакви активности,“ додава професорката.
Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, кој заедно со претставниците од УСАИД, заеднички ги следеа активностите на младите виничани најави уште многу проекти кои ќе ги анимираат младите.
„ Општина Виница ќе ги поддржува сите младински иницијативи и ќе нуди помош за решавање на проблемите на младите, со цел разубавување на нашиот град,“ изјави Петков.


Преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се создаваат можности за интеракција помеѓу учениците и се поттикнува нивната креативност и младинско учество, вели Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Ерик Јановски.
„ Тоа што е најбитно е дека се работи за еден заеднички проект. Проект на заедницата, не се работи само за донатори кои што даваат пари, туку се работи за партнерство меѓу донаторот, општината, помеѓу приватниот сектор, потенцира Јановски.
Младинска акција е поддржана од Општина Виница и Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) во соработка со Младински образовен форум