Како во времето на работните акции во поранешна Југославија, така денеска беше во населеното место Сачево. На иницијатива на градоначалникот Коста Јаневски, а во соработка со јавните претпријатија „Комуналец“ и „Паркиралишта Струмица“ засилени со АД Водостопанство, подружница „Струмичко поле“, истовремено, се работеше на неколку локации. Се чистеше главниот канал, се отстрануваа трите диви депонии, се сервисираше уличното осветлување, се метеа улиците и се собираше отпадот.
Градоначалникот Јаневски со своите соработници го посети селото за да види како се одвиваат планираните активности, но и да поразговара со жителите за нивните проблеми. Пред неколку дена започна акција за чистење и интервенирање во населените места, со цел да ги санираме натрупаните проблеми од еден подолг период и да го подобриме квалитетот на животот во населените места за кој сите се согласивме дека навистина е на пониско ниво од колку што би сакале да биде.
Во тој контекст формиравме една нова група на луѓе, одговорни за посета на населените места со цел да ги нотираат проблемите и веднаш да се интервенира каде што е потребно. Сите се согласивме дека главни проблеми во населените места се каналите, осветлувањето, има ситни интервенции од некои објекти кои што се правени, со добра желба на Општината од порано, меѓутоа, на некој начин го изгубиле својот сјај и имаат потреба од санација на оштетувањата.
Таа ни беше идејата, направивме план по кој ќе се движиме и интервенциите ги започнавме од населените места Дабиле, Градско Балдовци и Добрејци и еве денеска започнуваме во населеното место Сачево. Најчестите интервенции се кај каналите. Во Градско Балдовци целосно е исчистен каналот на потегот од црквата до реката Тркајна, се исчистија две диви депонии, се интервенираше во уличното осветлување, се поставија и нови сијалични места, а се спроведе и чистење на улиците и собирање на отпадот од домаќинствата.
Во Добрејци се чисти главниот канал, а од областа на уличното осветлување тоа е и првото населено место кое што доби 35 нови ЛЕД светилки и е прво место после градот кое што добива таков вид на осветлување, ќе се интервенира и во линиите кое што беа оштетени од изведувањето на некои градежни активности. Имаше интервенции и кај дел од лулашките, некои се поправија, а се поставија и нови. Во населеното место Дабиле исто така се интервенираше во детското игралиште во делот на лулашките, се ставија и три нови, се бетонираше еден дел од ѕидот на паркот, се постави нова ограда на тој дел, се чисти каналот кој изгледаше многу лошо, а ќе бидат поставени и цевки за подобра дренажа на водата.
Еве, започнавме и во Сачево со чистење на главните канали, ќе се проширува и осветлувањето, ќе се чистат трите големи депонии, ќе се оградува спортското игралиште. Ова е четврто место во кое работи, а после уште неколку населени места ќе дојдат на ред за интервенции од ваков тип. Со ваквото присуство на терен, мое лично, на групата, но и ваше, на медиумите, како наши контролори, ќе се согледаат и некои други проблеми. Еве, денеска, сте сведоци дека месното население сака да соработува, позитивно гледа на овие наши активности, воедно, дава и сугестии за проблеми кои се натрупале со годините. Конкретно, тука, проблемот со мостот, го посочуваат како еден од главните проблеми, чистење на некои канали за одводнување на нивните посеви и има можност сето тоа да се реши.
Со стручните лица кои се тука, се договоривме уште од утре да видиме што можеме да направиме за мостот и веднаш ќе реагираме и ќе бидете сведоци и вие и месното население дека сакаме да ги корегираме овие недостатоци кои што се создале, затоа што тие се вистински проблеми, а не луксуз, и затоа ќе дадеме максимум од себе за да ги решиме во најбрз можен рок – изјави градоначалникот Јаневски.