Проектот во општина Аеродром, булеварот АСНОМ и новиот мост кој треба да биде пуште во употреба се работи во три фази, изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
-Првата фаза е пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Аеродром, тоа што веќе го гледаме тука. Втората фаза е мостот Михајло Апостолски, кој што е при крај и може да се види. Третата фаза е пробивањето на булеварот од Керамидница, па се до мостот и како целосно булеварско решение, изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Како што истакна Салиху, по булеварот АСНОМ веќе може да се движат граѓаните, а мостот би требало да биде готов во наредните 30 дена.
-Тоа што би требало да знаат граѓаните за овој мост и булеварот е дека ќе има 6 автомобилски ленти, 3 од едната и три од другата страна, ќе има велосипедски патеки, лед осветлување, ќе има пешачки патеки, дрворед и зеленило, додаде Салиху.
– Кога почнавме со пробивањето на булевар АСНОМ од страната на Керамидница, јасно кажавме дека булеварот од таа страна ќе биде пуштен во Јуни 2022, меѓутоа тоа што треба да се појасни е дека после мостот (од Аеродром кон Гази Баба) има и секундарни улици, така да кога ќе биде пуштен делот на мостот заедно со булеварот од страна на Аеродром, првично ќе биде приклучен кон тие секундарни улици а потоа, некаде Јуни следната година, ќе биде целосно поврзан со булеварот од страната на Керамидница, појасни Салиху.
Тој истакна дека со пуштањето на овој мост, овој дел од градот, ќе се растерети од аспект на сообраќај. На пример, од Чаир за да стигнам до тука ми требаа околу 40 минути, замислете да беше пуштен овој мост и овој булевар, денес тука ќе бев за 10 минути. Кратењето на 30 минути во период на одење или враќање од работа, и тоа како ќе им значи на граѓаните на Скопје, заклучи портпаролот на Град Скопје Ваљон Салиху во изјава за Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Во меѓувреме екипи на Град Скопје почнаа со уривање на објекти во населбата Ќерамидница за пробивање на трасата во продолжението на новиот мост на булевар АСНОМ. До крајот на оваа недела ќе бидат урнати 14 објекти, за кои се завршени постапките за експропријација.