Со Свечена седница на Советот Крива Паланка го започна одбележувањето на 8. октомври – Денот на ослободувањето на општината.
Советот на својата последна седница во овој состав, донесе Одлуки за доделување на наградите „8-ми октомври“, „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ и „Признание за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка“.
Интересно е што годинава наградата „Почесен граѓанин на Крива Паланка“ ја доби амбасадорот на Република Словенија во земјава, Милан Предан, во знак на благодарност за соработката меѓу општината и Амбасадата и неговата лична посветеност во продлабочувањето и унапредувањето на оваа соработка.
Наградата „8-ми октомври“ замина кај кривопаланчанецот Бранко Павловски за неговите значајни резултати од областа на културата и музичката уметност. „Признанието за особени постигнувања и придонес за развојот и афирмацијата на Општина Крива Паланка“ го доби Оливера Јанковска, за особени заслуги во претставувањето на општината надвор од границите на земјава.
И по 77 години од ослободувањето, градоначалникот Борјанчо Мицевски вели дека борбата продолжува, но денеска на други полиња на делување.
-Продолжува од аспект на тоа што Крива Паланка секојдневно се бори за својот економски, социјален и општествен развој, но и справувањето со последиците од пандемијата со ковид. Несомнено со напредокот на државата и Крива Паланка продолжува да чекори по патот на просперитет, развој и општ подем. Процесите кои започнаа и ги наметнавме како темпо и принципи на работа и делување, можеби со забавено темпо, но со сигурност продолжуваат со една единствена цел – подобар живот и благодет на сите граѓани во локалната заедница, истакна Мицевски во своето воведно обраќање.
Тој вели дека е горд што како мала општина се наметнале како препознатлив чинител во делот на искористување на ИПА фондовите и другите извори на финансирање. Се гордее и со промените во делот на енергетската ефикасност, со транспарентното и отчетно работење, соработката со дипломатските претставништва, подобрените услови за образование и заштитата на животната средина.
-Коректно е кога се одбележуваат вакви значајни датуми да се направи рекапитулар и пресек на сето она, каде бевме, каде сме и која е нашата крајна цел кон која се стремиме како Општина. Интензивно се работи на 25 километри од експресен пат кон Крива Паланка. Рехабилитирани се 54 километри регионални и 35 магистрални патни правци. Изградени се 10 километри нови локални патишта во руралните средини. Рехабилитирани се над 20 улици во урбаниот дел во градот. Изградени се околу два километри регулации на речни корита и сливови. Обновени се или изградени 11 спортски објекти и неколку дополнителни спортски игралишта. Заменети се околу 2,8 километри азбестни цевки, 4500 обични со дигитални водомери и над 2200 живини светилки со штедливи, спомена Мицевски.
Градоначалникот им се заблагодари на советниците за работата и на сите раководители на јавните институции за рационалното и домаќинско работење. Вели треба да бидат горди на она што го прават за сегашноста и иднината на градот, бидејќи Крива Паланка го заслужува тоа.
Одбележувањето на празникот продолжува и утре со полагање на цвеќе на спомен-бистата на паднатите борци од НОБ пред општинската зграда од 10.00 часот, како и со Свечена академија во Националната установа Центар за култура во Крива Паланка, на која ќе бидат врачени Општинските награди и признанија.
Свечената академија е со почеток од 17.00 часот во НУ Центар за култура Крива Паланка, каде се очекуваат бројни гости од општината, од збратимените градови како и претставници на институциите и организациите со кои Општината остварува успешна соработка, а настанот ќе биде организиран соглсасно протоколите за Ковид 19.