За 310 новороденчиња е побогато Куманово во првите три месеци од годинава, според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика. Во истиот период починале 307 лица, од кои пет биле доенчиња. Во првото тримесечје од 2017 година на подрачјето на Општина Куманово биле склучени вкупно 92 бракови, а само 13 парови биле разведени.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во првото тримесечје од годинава, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 3.6% и изнесува 5.340 живородени деца.
Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2017 година бележи зголемување од 11.6% во споредба со истото тримесечје од 2016 година и изнесува 6 132 лицa, а од нив 67 се умрени доенчиња.
Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 7.0% во споредба со истиот период од 2016 година и изнесува 2 566 бракови. Разведените бракови во ова тримесечје од годината бележат намалување од 21.8% во споредба со истиот период од 2016 година и нивниот број изнесува 519.