За 18 месеци Свети Николе треба да добие зграда за сцијално ранливи категории, во која ќе бидат сместени 48 лица. Оваа зграда е првата што се гради во овој град по триесетина години.
На почетокот на изграбата на зградата во населбата „Лозов расадник“, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека ако оди по предвидениот рок, догодина во април зградата ќе може да ги прими своите станари.
– Со задоволство можам да констатирам дека Владата е силно фокусирана на изградба на социјални станови и помагање на социјално ранливите категории. Тоа го работиме во континуитет, тоа го покажавме и ланската година. Имаме една силна пресвртница, во делот на она што до пред неколку години се правеше и она што сега е Владина политика, вели Сугарески.
Со донесувањето на новиот Детален урбанистички план, како што рече градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски се очекува да се забрза динамиката на градење. Со изградбата на оваа зграда се решава проблемот на социјално ранливите семејства, кои добиваат и современи услови за домување.
-Верувам дека наредната година ранливите категории од Општина Свети Николе ќе можат да конкурираат за добивање на овие социјални станови, рече Велковски.
Становите од оваа зграда во Свети Николе ќе бидат доделени на ист начин, како и досегашните, и е наменета за социјално ранливите категории, рече директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски,
-Становите се со површина од 34 до 46 метри квадратни, а како акционерско друштво остануваат посветени во текот на годината да се почне и изградбата на останатите социјални згради во градовите, кои се предвидени според програмата, рече Трајковски.
Вкупната инвестиција во изградба на нови социјални згради низ градовите во земјава изнесува околу 10 милиони евра.