Нема светиниколчанец кој барем еднаш во животот не бил во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“. Оваа културна институција половина век е центар на сите позначајни збиднувања во градот. Изминатата недела го одбележа својот педесетгодишен јубилеј, потсетувајќи ги граѓаните на сите значајни настани и имиња, кои го збогатија и продуховија културниот живот на Свети Николе. Домот на култура, кој почнал со киноприкажувачката дејност како примарна, под еден покрив ги собрал Работничкиот универзитет, Радио Свети Николе, а подоцна се припоија театарската група „Сцена 71“ и фолклорниот анасамбл „Јанко Глигоров“. Како дел од активностите се вбројуваа тие на ликовната секција, пионерскиот клуб, во чии рамки настана мандолинскиот оркестар, која е активен до ден денешен и детското хорче „Златно славејче“. Како резултат на овие активности, вели досегашниот директор сега пензионер Ангел Банов, излегоа повеќе познати имиња, кои станаа професионалци во културата.
-Доста луѓе професионално се занимаваат со култура. Можеме да кажеме за Христина Ласовска, која работи во Театар „Комедија“, Душко Ѓоргиевски, естраден уметник, Даниела Тодосова…Има доста имиња, кои оставиле белег во работата на Домот на Културата, вели Банов, кој помина 44 години во оваа институција.
Познатиот меѓународен фестивал на изворен фолклор „Тодорица“ продолжува да живее со години, како и меѓународната ликовна колонија „Ѓуриште“, која беше возонобновена пред две години, носат многу познати имиња во Свети Николе. Од своја страна, активностите на Домот на културата ги однеле светиниколчани на гостување во многу европски земји, како Германија, Унгарија, Романија и земјите од регионот. Новата директорка Мартина Богданова, вели дека Домот останува со доминантно место во светинколската култура.
-Ова е значаен јубилеј за сите нас и за нашиот град. Домот на културата е значаен, бидејќи овде организираме секаков тип на културни настани, вклучувајќи ги и настаните од училиштата, изјави Богданова.
Враќајќи се наназад низ години, од самото формирање, Домот на култура имал добри просторни услови, подоцна надополнети со техничките услови. Во тоа време, кино салата била една од подобрите за прикажување на филмови. Поранешниот директор, сега пензионер, Панче Насков се присетува дека нашиот кандидат за Оскар, филмот „Сенки“ имаше премиера во Свети Николе.
-Промоција тука направивме ние и дојде со целата екипа Милчо Манчевски, беше кандидиран филмот „Сенки“ за Оскар. Тој се воодишеви од она што беше и организационо и тоа што беше квалитетно прикажан неговиот филм „Сенки“, рече Насков.
Останува вечната борба за публика во културните институции. Досегашниот директор Банов забележува дека забавните програми секогаш се погледани, а последен пат кино сала била полна пред десетина дена кога се одржал фестивалот на детска музика „Ѕвездички“. Сепак, оценува недостасуваат млади, што се чувствува и во оваа област.
-Се смени доста. Условите за работа можеби се подобри за работа од самите почетоци, но младите ни отидоа. Нема доволно членови по секциите, по матичните дејности, затоа што интересот е многу мал. Нема млади луѓе. Ние сме пред се’ мало место и од тој аспект треба да се работи за подобрување на состојбите воопшто во државата и во културата, оценува Банов.
Од 2020 година, со децентрализацијата се очекува Домовите на култура да преминат под општинска ингеренција. Светиниколскиот Дом на култура е општинска установа и според оценката на вработените, Општината Свети Николе има слух за нивните потртеби и им овозможила добри услови за работа.
-Ние сме општинска установа и сега засега имаме разбирање од локалната самоуправа и градоначалникот и мислам дека сме во подобра сосојба од националните установи. Најважно е соработката да биде соработката да биде поддржана од локалната власт. Ние во тој дел сме поддржани. Незаобиколна е и финансиската поддршка, смета Ангел Банов, кој изминатата недела со пензионирањето ја напушти позицијата директор.
Домот на култура „Крсте Петков Мисирков“ ја продолжува својата мисија на ширење на културата. Оваа институција била дом на многу познати имиња, дала културен простор за творештвото на бројни автори, но не помалку важно останува стремежот за создавање на нови, по кои Свети Николе ќе го има својот белег.