Култот кон лебот наш насушен, тој исконски извор на живот присутен секаде низ вековите, кој на многу начини ја изразува и реалноста и животот на определен простор и во определено време, во нашите краишта се пренесува од колено на колено. Таа поврзаност на луѓето со тој витален продукт деновиве успешно беше прикажана на радовишкиот плоштад „Св. Спасо Радовишки“ со проектот на организацијата „Женска акција“ од Радовиш – Обредните лебови во народниот календар кај Македонците и Турците во Радовишко.
– Оваа манифестација ја организираме првпат. Проектот е поддржан од Општина Радовиш и од Министерството за култура. Има обредни лебови за сите празници од обредниот календар. Подготовката е на жени и на семејства кои ја негуваат таа традиција во Радовиш, Радовишко, Конче. Освен обредните лебови, ќе бидат презентирани и сценски дејства поврзани со лебот за Лазара, Коледе, Бадник и за други празници – ни’ рече на почетокот на манифестацијата Иванка Соколова, претседателка на „Женска акција“.
А, речиси нема празник ни во Радовишко ни во Македонија што помалку или повеќе не е поврзан со лебот. Тој се подготвува и на радосни – раѓања, крштевки, свадби, и на тажни денови. Колачиња, лепчиња, погачи, баници зелници… На Коледе, Бадник, Божик, Сурва, Света Троица, Лазара, Тодорица, Свети Трифун, Ѓурѓовден… Леб, баклава, татлија на Рамазан Бајрам и другите празници на турското насление во Радовиш и во соседната општина Конче и кај турското јуручко население во радовишките плачковики села. Сето тоа беше претставено и низ фотографии и директно сценски на радовишкиот плоштад, а настапија и фолклорни ансамбли од Радовиш и Радовишко со македонски обредни традиции и песни, како и фолклорни групи од Конче и од Коџалија кои ги преставија традициите поврзани со лебот кај Турците од тој крај.
– Пред нас имаме настан што ја отсликува историјата и традицијата на нашата општина. Би сакал да упатам голема благодарност до организаторите на овој настан – „Женска акција“, но и до сите граѓани од македонска и од турска националност кои со полна енергија се вклучија во овој проект и ни’ ја овозможија оваа денешна убавина. Почитувани, секој град си има своја приказна. Општина Радовиш својата приказна оваа година ја раскажува преку слики, фолклор, преку нашата традиционална храна, но и преку соживотот што отсекогаш бил и ќе биде на високо ниво – истакна градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
На манифестацијата присутвуваа и универзитетските професори од Турција, Мехмет Имбаша и Ејуп Кул, како градоначалничката и општинското раководство на Тетевен од Бугарија, збратимена општина на Радовиш. Двете општини лани потпишаа меморандум за соработка, а имаат и заеднички проект поддржан од фондовите на ЕУ што ќе финишира од 18 до 21 јули годинава во Тетевен, општина со 21.000 и град со 10.000 жители, кога таму ќе се соберат 370 луѓе од двете општини од областа на младинските асоцијации, образованието, културата и на бизнисот.
– Вторпат сум овде и многу сум задоволна од соработката со Радовиш и од ова што го гледам овде. Тетевен е на 120 километри од главниот град на Бугарија, Софија. Се наоѓа во убав планински регион, па работиме на развој на туризмот – вели градоначалничката на Тетевен, Мадлена Бојаџиева.
Проектот за обредните лебови во Радовишко беше дел од богатата програма за одбележување на јубилејот – 1.000 години Радовиш, по повод првото запишано спомнување на Радовиш како средновековно гратче во грамотата на византскиот император Василиј Втори во 1019 година.