Современо повеќенаменско спортско игралиште денеска беше отворено во центарот на Македонска Каменица, во дворот на гимназијата „Миле Јаневски – Џингар“. Игралиштето, кое е донација од рудникот „Саса“, е со површина од 800 квадратни метри и има стандарден терен за кошарка, за мини-фудбал и за тенис со нога, целата површина е со тартан-подлога, а околу теренот е поставена урбана опрема.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, истакна дека „Саса“ ја препознала потребата на спортистите и на младите каменичани и го реконструирала старото игралиште.
– Ова е нашето култно место со генерации. Сега е реконструирано, модерно и ќе продолжи да живее, да ги собира младите спортисти. Овде ќе биде местото каде што младите ќе го поминуваат слободното време и ќе продолжат да бидат амбасадори на спортот – рече Стаменкова.
Олег Телној, генерален директор на рудникот „Саса“, рече дека со задоволство го реализирале овој проект предложен од локалната самоуправа и додаде дека се надева оти на реконструираното игралиште ќе уживаат сите млади во Македонска Каменица, од кои некои, како, на пример, кошаркарската екипа наскоро би можеле да бидат и шампиони на Македонија.
Осумилјадната општина Македонска Каменица во моментот има две екипи во најсилните македонски лиги – женските тимови во фудбал и во кошарка, а во вторите македонски лиги се клубовите во фудбал, футсал и во кошарка.