Преку заеднички проект со партнер од Бугарија, КИЦ Романса се опремува со проектор, платно и целопкуната опрема, потребна за киноприкажување.
Кога пријателството трае и се негува со години, резултатите не изостануваат. Годините соработка меѓу Културно информативниот центар „Романса“ од Македонска Каменица и Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“ од општина Белица, Република Бугарија, доведоа до тоа годинава да реализираат проект вреден 360.000 евра. Со европски пари, преку програмата ИПА, бугарскиот партнер, Народното читалиште ќе се реновира, додека КИЦ„ Романса“ ќе набави опрема за прикажување на филмови. Опремата која што ќе се набави за КИЦ „Романса“ е со износ од над 60 000 евра. Ова беше најавено изминатата недела, на заедничка прес конференција, на која директорката на Народното читалиште од Белица, Маја Падарева зборуваше за долгогодишната соаботка.
- Во 2009 година, во рамките на ист ваков заеднички проект (со КИЦ „Романса“), беше изработена техничката документација за реконструкцијата на овој Дом. Тогаш ние имавме меки мерки за документацијата црквата „Свети Ѓорѓи“. Дојде времето и за нашата библиотека. Црквата е првиот дом на нашиот народ, а библиотеката е нивен вториот дом, кажа Падарева на прес конференцијата во Македонска Каменица.
Во рамки на претходниот проект од ИПА програмата преку Светска банка беа обезбедени дел од средствата за реконструкција на зградата од Домот на култура во Македонска Каменица. Градоначалничката Соња Стаменкова рече дека градот не е многу познат по туризмот, а овој проект ја имаа таа цел – промоцијата.
-Проектот е со цел и намена за промоција и искористување на културното наследство. Имаме многу широко поле за работа. Морам да признаам дека Македонска Каменица не е позната по туризмот, но има потенцијал и наша задача е тоа да го искористиме и да го материзираме, рече Стаменкова.
Проектот „Реставрација на места со историско и културно значење и зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство во Белица и Македонска Каменица“ е со цел подобрување на условите за искористување на туристичкиот потенцијал на регионот, преку иницијативи за соработка во подобра заштита и одржливо користење на природното и културното наследство.