Реконструкцијата на Универзалната сала во центарот на Скопје е во полн ек. Денеска пристигна металната конструкција на новата сала со чие поставување ќе се овозможи брзо завршување на надворешноста на овој култен објект за Скопје и за скопјани.
„Вчера споделив со јавноста како планираме да изгледа внатрешноста на објектот. Карактерот на објектот е таков што прво мора да се сработи надворешноста, зашто објектот е монтажен, за потоа да влеземе внатре. Во наредните 40-на дена очекувам овој дел од работите да биде во целост завршен, а скопјани на почетокот на октомври да ја видат новата надворешност, со дел сработена внатрешност на Универзалната сала. Во изминатите два месеца работевме на фундаментите, на поставувањето нови темели кои можат да ја носат целата оваа конструкција која беше предмет и на сеизмолошки испитувања за да не се наруши статиката и стабилноста на објектот. Ова се всушност носечките столбови на новата Универзална сала“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, кој изврши увид во процесот на обнова на салата.
Тој додаде дека со реконструкцијата целосно ќе биде обновена внатрешноста, фоајето и влезниот дел на Универзалната сала, целосно ќе биде обновена надворешноста, објектот ќе стане енергетски ефикасен, ќе има сериозна интервенција во машинскиот дел, во сценскиот дел и делот на техниката.
„Мојата крајна цел е ние кои што имаме спомени од Универзална да им овозможиме на идните генерации да создадат свои спомени од новата Универзална сала. Сакам да нагласам дека по 50 години чекање конечно дочекавме целосна реконструкција на Универзалната сала што значи дека, според начинот на кој сега работиме, Скопје во наредните 50 години нема да има потреба од нова концертна сала со ваков обем. Реконструкцијата на надворешноста на салата изнесува 1,9 милиони евра, а потребни се дополнителни средства кои што се веќе обезбедени во разговор со Владата, за да ја опремиме внатрешноста. Моите очекувања се дека веќе наредната концертна сезона, не оваа што ни претстои, ќе можеме да уживаме во убавината на Универзалната сала“, нагласи Шилегов.
За потсетување, овој култен објект ќе биде реконструиран во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје. Проектот за реконструкција на Универзалната сала е изработен и е донација од познатиот архитект Бујар Муча.