Дел од градот водата освен за пиење ја користи и за наводнување и тоа е факт. За ова постојат докази според излезот на вода од штипската филтер станица, вели директорот на Исар, Здравко Коцев, по вчерашните обвинувања од жителите на населбата Караорман, дека или немаат вода или пак пијат валкана вода која личи на капучино.
За едно деноноќие, резервоарот во штипската филтер станица кој е со капацитет од 1740м3, бил речиси испразнет.
-Во шест часот наутро имало толку вода, но понатаму само се празни. Во осум часот има 1620м3, па потоа доаѓа периодот на она што го зборуваме, дека пригратските населби наводнуваат. Во 17 часот влезот на вода во филтер станицата е 208м3, излезот доаѓа до 392м3, речиси дупло. Истото се случува и од 20 часот до 23 часот, по што се нормализира. Во утринските часови, односно денеска во шест часот, влезот бил 245м3 а излезот 228м3. Ова значи дека ние не можеме да го наполниме резервоарот целосно и тој остана со 1500м3, вели Коцев.
Конкретно за населбата Караорман, која има 288 домаќинства, според директорот, доколку би се трошела водата разумно како во секое просечно домаќинство – по 20м3 месечно, нормално би било да се троши 5760м3, но овде за овој месец биле потрошени 7777 м3 вода.
-Имајќи го предвид времето и енормната температура, луѓето треба да сфатат дека водата е наменета за пиење и одржување лична хигиена, а не за наводнување. Покрај тоа што многу трошат, во оваа населба ретко и плаќаат вода. Водата е потребна и со Устав загарантирана, тоа е точно, но што доколку ја нема? За да дојде до вашите домови, водата мора да помине преку препумпни станици, филтер станица и резервоари, па дури отпосле доаѓа до домовите. Луѓето не можат да бидат со менталитетот „јас плаќам и ќе користам колку сакам“, затоа што ќе снема вода. Шамарот од пандемијата изгледа не ни е доволен, ако продолжиме со ова темпо на трошење вода, утре ќе немаме вода ни за пиење, а не па за наводнување, реагира Коцев.
За фамозната изјава дека во Караорман се пие „капучино“, Коцев вели дека е со политичка позадина.