По уривањето на старата зграда, каде во изминатите 40 години беше сместена професионалната противпожарна единица, денеска официјално започнаа работите на изградба на нов провпожарен дом. Преку донација од Амбасадата на САД во Скопје во висина од 446.239 американски долари, во наредната година се очекува да никне современо здание, каде ќе бидат сместени 16-те пожарникари, возилата и опремата.
-Согласно проектот, Свети Николе за скоро време ќе добие насовремена противпожарна станица, согласно сите светски стандарди. Но, овде не застануваме. Во тек е набавка на две противпожарни возила за потребите на ППТЕ Свети Николе, исто така донации од збратимената општина Пуцонце од Словенија и од Велика Британија, рече на свеченоста Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.
Стариот нестандарден објект,кој неодамна беше урнат, бил изграден во 1987 година. Меѓутоа, немањето на соодветна зграда, не е единствениот проблем за светиниколските пожарникари, кои покриваат голем терен на двете општини, Свети Николе и Лозово. Возилата се стари, вели командирот Зоран Салтиров, па многу често при интервенциите се бара помош од Доброволното противпожарно друштво.
-Се случува возило појде на терен, па застане, се бара мајстод да го поправи. Благодарение на градоначалникот и некои други луѓе од градот очекуваме набавка на возило од Словенија и Велика Британија. Немаме тереско возило за шумски пожари, имаме расипана Лада. Баравме возило од Дирекцијата за заштита и спасување, баравме од сите институции тересно возило. Сега кога има пожари бараме од Комуналното претпријатие или од други институции, кои имаат терески возила, изјави командирот Салтиров.
Рокот за изградба на новиот противпожарен дом е две години, но амбициите на општината е да се заврши за неполна година. Изведувач на проектот и градежните работи е фирмата Дон архитекти од Скопје.Во име на Владата благодарност до граѓаните на САД , на Амбасадата на САД во Скопје и на Инжинериската команда на морнаричките сили на САД (НАВФАК), упати министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
-Капиталните проекти се приоритет, а капиталните објекти се градат за потребите на граѓаните и само во таа насока продолжуваме усепшно да го трасираме патот кон модерна просперитетна држава и модерна простепритетна општина, изјави министерот Бочварски.
Општината Свети Николе со договорот презема обврска да го опреми новиот дом, а неодамна пожарникарите ги обезбеди со заштитна опрема. Со изградбата на автопатот Штип – Миладиновци дополнително им се зголеми работата на светиниколските пожарникари, кои во изминатата година неколку пати интервенираа на сообраќајки и гаснење на запалени возила.